CKAНДАЛ: Мaкедoнија ќе купyва jaглен од Кocoво

Македонија

Македонија од старт ќе загуби повеќе од 10 милиони евра со принудната набавка на 1,8 милиони тони увозен јаглен, иако ова е најевтина варијанта во ситуација кога цената на електричната енергија е енормно поскапена на европската берза, односно на либерализираниот пазар. Земјата е принудена да го зголеми базичното производство на струја во ситуација кога транзицијата кон зелена енергија е се уште во почетна фаза, а ресурсите со фосилните горива се ограничени, бидејќи ги има се помалку и се со полош квалитет.

Премиерот Зоран Заев вчера објави дека е даден налог за вклучување на трет блок на РЕК Битола, со цел креирање политики на комплетно менаџирање и кон компанииите и јавните институции. Тоа значи купување на 1,8 милион тони јаглен за дополнително производство на електрична енергија.

Експертите за енергетика велат дека практично единствена опција е да се потпреме на косовскиот пазар, каде што еден тон јаглен чини 8 евра, но додека да пристигне во Битола и да изгори во блоковите на РЕК Битола цената ќе се зголеми на 28 евра по тон. Помислете колку попатно крадат нашите „енергетичари“ од власта?

– Тоа купување ќе ја чини државата повеќе од 50 милиони евра, особено ако знаеме дека железницата е нефункционална за транспорт и ќе треба да се користат камиони. Но тоа не е се, бидејќи струјата произведена од овој јаглен ќе треба да му се продаде на универзалниот снабдувач со кого веќе имаме договор цената да биде 36 евра по мегават/час. Ние мора да го продадеме ова производство по таа цена, иако на пример цената на слободниот интернационален пазар во моментов е 165 евра, а утре ќе биде 197. На универзалниот снабдувач ќе му дадеме нешто многу поевтино отколку што сме го платиле и тука ќе загубиме повеќе од 10.000.000 евра, вели експертот за тргување со електрична енергија кого го контактиравме, а при тоа сакаше да остане анонимен.

Тој вели дека Македонија, за разлика од Косово каде што одбрале во иднина да се потпрат приоритетно на јагленот наместо на зелената енергија, избрзала со обврзувањето кон Парискиот договор, со кој до 2027 земјата треба целосно да се ослободи од употребата на фосилните горива.

– Замислете колкава „дупка“ сега ќе се направи, која сеедно ќе треба да се покрива од граѓаните, или од буџетот. Остатокот од она што нема да го произведеме, а ќе треба да му го обезбедиме на универзалниот снабдувач според договорот, ќе треба да го купуваме како увезена струја, а тоа ќе биде многу скапо. Затоа треба да произведуваме што е можно повеќе домашна струја. Ние сега имаме ситуација на зголемено побарување, а намалена понуда. Ако просечните цени на струја од странство лани беа по 40-50 евра од мегават/час, сега овие цени се неколкукратно повисоки, додава познавачот на околностите со трговијата на електрична енергија.

Имаме стабилно производство и ги задоволуваме потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за снабдување на домаќинствата, по цена значително пониска од пазарната, со цел да не се почувствува ценовен шок кај граѓаните, смируваше вчера Васко Ковачевски, директор на Електрани на Македонија. Додава дека АД ЕСМ будно ги следи движењата на пазарот на електрична енергија, каде во изминатите осум месеци се бележи енормен раст на цената на електричната енергија.

„Но, за стабилен електро-енергетски систем потребно е да се произведе дополнително количество електрична енергија, и за истото е потребен засилен ископ на јаглен во РЕК Битола, како и набавка на јаглен на меѓународен јавен повик. АД ЕСМ, како гарант и стабилизатор на цената на електричната енергија, планира дополнително производство од декември 2021 до април 2022 година, за што во текот на утрешниот ден ќе биде објавен меѓународен јавен повик за набавка на јаглен за работа на еден блок во РЕК Битола и за продолжување на работењето на РЕК Осломеј. Со оваа произведена енергија ќе го зацврстиме електро-енергетскиот систем, додека дополнителните количини, односно вишоци, ќе ги продадеме на слободниот пазар и со тоа ќе оствариме приход за компанијата и за државата, вели Ковачевски.

Претходно Бранко Азески, претседателот на Стопанска комора на Македонија, алармираше дека најновиот проблем кај нас и глобално се вика „снабдување со електричната енергија“.

„Деновиве сум пренатрупан со писма од компаниите членки на Комората на кои им се откажуваат договорите за снабдување, уредно потпишани, навреме договорени, кои го рушат основниот принцип на нашата работа, а тоа е предвидливоста. Енормниот пораст на цените на суровините во изминатиот период, но и порастот на влезните елементи кои ја креираат производната цена на електричната енергија се иницијалната каписла за моменталните берзански цени кои достигнуваат до 185 евра за мегават час“, напиша Азески во својата колумна.

Причините за скапата струја на либерализираниот пазар, кој го наметнаа и домашните политики во земјата во изминатиот период, се зелената агенда во Европа и намалувањето на енергијата произведена од јаглен, релативно ниското производство од ветерните централи во Европа, брзиот пораст на пазарите во изминатиот квартал и енормниот пораст на цената на природниот гас на светските берзи.

Азески повика најпрво на зголемување на домашното производство на електрична енергија како сигурна базичната мерка која може да изврши најголема превенција, а исто така и Регулаторната комисија за енергетика енергично да дејствува „за да се престане со манипулативното откажување на договорите од продавачите, со конкретни мерки, кои ќе вклучуваат јавно објавување и одземање на лиценците, не само на компаниите, туку и на сопствениците на истите, со трајна забрана на вршење на ваква дејност“.

Минатата година Македонија направила увозна јавна набавка на јаглен од 398,5 милиони денари, односно 6,5 милиони евра од странскиот пазар. Од друга страна сами сме произвеле 4.325.608 тони јаглен во 2020 во рудниците што гравитираат околу РЕК Битола, но тоа само за една година било помалку за 11,35 проценти споредено со 2019-та. Тоа значи неработењето на ЕЛЕМ ја доведе потребата од увоз на косовски јаглен.

Сме потрошиле повеќе јаглен отколку што сме произвеле. Вкупната бројка заедно со оној увозниот е 5.052.834 тони во текот на ланската година. Најголемиот дел од икскопот на јагленот, околу 85 отсто, се одвива во рудникот Суводол, а активни се и „Брод-Гнеотино“ и „Осломеј-Запад“.