Кои се ХЕРОИТЕ од кризата во Македонија

Живот, Македонија

Австриските пожарникари и волонтери се дефинитивно херои од кризата во Македонија во 2021 година. Таква силна поддршка и добра организација, никогаш не сме очекувале од Австрија. Благодариме за се што направивте!

https://fb.watch/7kxShp_-Z4/

Во цела Македонија нема толку противпожарна опрема колку што имаат Австријците во неколку камиони. Кога ја гледаме таа опрема, како да сме во временска машина што нѐ однела 200 години понапред, коментираат локалните жители.

Сакавме „Европа да ја донесеме дома“ и ја донесовме – за жал, само поради нашата неопременост за битка со пожарите. Но, кога пламенот ќе стивне, таа Европа ќе си се врати во Европа, а ние и натаму ќе говориме за неа!

Австријците дојдоа организирани, како што доликува на европска држава. Имаат најнова опрема за пожарникари. Организирани се во бригади, со себе имаат амбулантно возило, возило-кујна, возило- тоалет, џипови, мотори на две и четири тркала, церадни базени за акумулација на вода на терен. Во Пехчево тие направија буквално монтажен хотел, лоциран на едно игралиште. Македонските пожарникари не ни забележаа дека преку ноќ го монтирале објектот, сосема бесшумно. Имаат техника да спроведат вшмукување вода од 5 километри за секој камион. Во Будинарци пуштија црево во планината за дотур на вода. Во цела Македонија нема толку противпожарни црева колку што тие имаат во неколку камиони.

Не им се слушна глас ни на терен, ни во базата/хотелот. Нема врева, нема тензија, работат како мравки, како пчели. Рано наутро прво одат во извидница, па потоа прават план за целиот ден. Извидница прават со скутери/АТV-а, за да проверат и направат проценка дали може безбедно да помине екипата со противпожарни возила. Потоа се постројуваат и секој насмеан тргнува на задачата“, раскажуваат тие.

Посебно фасцинира односот на австриските пожарникари кон локалното население. Командантот на бригадата забележал дека навечер доаѓаат деца да се фотографираат покрај австриските камиони, па дал наредба двајца пожарникари да бидат дежурни два часа само заради децата: да им овозможат да седнат во каминот, да ги вклучат сирените, да се фотографираат. А нашите локални бандити на тоа им возвратија со кражба на дел од опремата. Колку сме ние жална нација.

На Австијците им станал омилен нашиот стар ФАП. Буквално застанаа рамо до рамо со нашите локални жители, кои по нивни пример се самоорганиизраа во бригади од другари, бригади од соседи, од семејства, од соседни градови, бригада Виница, бригада Делчево итн.. Бригадирите се грижеа за логистика – едни носеа вода и сендвичи по ридовите, други со трактори и цивилни возила носеа техничка вода во грбни прскалки, а беа поврзани со добронамерните фирми кои исто така снабдуваа сѐ што е потребно на терен. Тие граѓански бригади помагаа и да се заштити некој земјоделски посед, да не се прошири пожарот, да не се запалат објекти во селата и градовите и сл.

Покрај толку луѓе од разни локални и државни претпрјатија, дирекции, агенции, странските пожарникари мораа сами да ги сечат дури и дрвата што беа надвиснале над малите тесни патишта, за да може оттаму да поминат нивните камиони. А тие патишата се посебна приказна – еродирани, со дупки, обраснати од сите страни. Сликата говори за нас и нашите институции“, велат жителите.

Локалните жители дури бараат дел од улиците во градовите во Малешевијата да добијат имиња како „Австриска“, „Словенечка“, како минимален знак на почит и благодарност кон сите што помогнале, вклучително и за помошта од Бугарија.

За разлика од пофалните зборови за странските тимови, очевидците немаат пофални зборови за домашните политичари. Градоначалникот на Берово првпат се појавил на терен, кога веќе пристигнал премиерот Заев над село Будинарци, за да се слика со него и да му се лигуши. Заев исто така замина на одмор, па после осудата на јавноста се појави да глуми душегрижник. Ситуацијата не личеше на организирана туку на дезорганизирана. Жителите си беа одлично самоорганизирани, а државните службеници повеќе ги демотивираа, ги караа оние кутри дедовци кои со мали трактори носеа вода, ги ‘учеа’ каде да застанат со приколките. Имаше моменти кога малку недостигаше луѓето да фрлат и гребла и лопати, поради дрските тонови на некои ‘манекени’ кои парадираа, а ништо не работеа. Најдобро беа организирани службите од ресорот земјоделство и од ЕВН. Оние од ‘Македонски шуми’ и и шумски полиции си беа команданти на самите себе“, критикуваат локални жители.

Од она што ќе им  остане во сеќавање на нашите граѓани, бегајќи од огнот дури и диви животни побарале заштита во близина на луѓето. Едно попладне, нашиве луѓе само што седнаа пет минути да земат здив и да каснат сендвич, повторно мораа да истрчаат на терен, да гасат на место каде што се запалило стрниште. Кога се вратија – што да видат: две лисици ги дојадуваат сендвичите. Можете да замислите каков пекол бил во шумите штом се спуштија кротко меѓу луѓето“, раскажуваат мештаните.

БЛАГОДАРИМЕ АВСТРИЈА!