Проданоски: Со свечена седница и признанија го одбележавме ослободувањето на Прилеп
Со свечена седница на Советот на Општина Прилеп во НУЦК „Марко Цепенков“ беше одбележан 3 Ноември – Денот на ослободувањето на градот. На свеченоста беа доделени традиционалните третоноемвриски награди и признанија, а наградата за животно дело му припадна на Илија Димоски – Шаторо.
Градоначалникот Дејан Проданоски им честиташе на добитниците, нагласувајќи дека нивните достигнувања се значаен придонес за градот и пример за идните генерации.
„Вашите успеси се ваша лична гордост, но и гордост на целиот Прилеп. Секој од вас, во својата област, покажува дека зад името на нашиот град стојат луѓе кои знаат, умеат, создаваат и постигнуваат резултати“, истакна Проданоски.
Третоноемвриските плакети и дипломи им беа врачени на Црковниот хор при црквата „Св. Петка“, Винарија „Сарика“, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп и „Витаминка“.
Признанија добија и Никола Здравески, Кирил Петрески постхумно, Благица Чатлеска, Димитар Димитриоски, Стефче Стојковски, Матеј Белистојаноски, Антонио Јакимовски и Марјан Стојаноски.
Во фоајето на Центарот за култура, Државниот архив – Одделение Прилеп ја претстави изложбата „Прилеп по 1945 – Години на промени и развој“, составена од архивски документи и фотографии за повоениот развој на градот.
Со свеченоста беше заокружена и едномесечната програма „Приказна за градот херој“, која опфати повеќе од 60 настани од областа на историјата, културата, уметноста и спортот. Програмата ги поврза одбележувањата на 11 Октомври, 23 Октомври и 3 Ноември.
Проданоски оцени дека преку настаните достоинствено биле одбележани 85 години од почетокот на Народноослободителната борба и биле претставени богатото културно наследство и човечкиот потенцијал на Прилеп.
„Со гордост кон минатото, почит кон оние кои ја извојуваа слободата и одговорност кон идните генерации, продолжуваме да работиме за градот што го сакаме и на кој сите сме горди“, порача градоначалникот.
