
ВСЕЛЕНСКИОТ Патријарх кај Бајден, дали е МПЦ ОА на дневен ред
Вселенскиот Патријарх деновиве се сретна со претседателот Бајден во Овалната соба на Белата куќа. Според портпаролот на Американската Православна Црква, се дискутираше за заедничката свест дека е потребна итна акција во врска со актуелните климатските промени. Вселенскиот Патријарх напомна дека потребата од одговор на политичките водачи е особено навремена со оглед на претстојниот COP26 состанок во Глазгов.
Неговата Сесветост исто така му заблагодари на Претседателот Бајден за неговиот решителен одговор на COVID пандемијата, како и за неговата спремност да ги помогне земјите во развој да обезбедат вакцини за своето население. Но сето тоа е фолкор во официјалните соопштенија при вакви средби.
Најпосле, се известува дека Патријархот сепак ја отворил темата за состојбите со православните Цркви. Тој ја изразил својата искрена надеж за повторното отворање на семинаријата во Халки, која беше присилно затворена пред 50 години.
Во разговор со новинарите после средбата Патријархот го пофали Претседателот како „човек со силна вера и визионер“ додавајќи дека „тој ќе им даде на оваа земја и на светот најдобро лидерство и правец според мерата на своите значителни способности“.
Патријархот се сретнал и со Државниот Секретар Џо Блинкен, во придружба на Американскиот Архиепископ Елпидофор, митрополитот Емануил Халкидонски и други членови на Вселенската Патријаршија. Патријархот зборуваше за „визијата и службата на Вселенската Патријаршија во унапредувањето на меѓурелигискиот дијалог и подигање на еколошката свест“, и за тешката судбина и егзодусот на Христијаните на Блискиот Исток и во Африка.
Тој исто така му заблагодари на Секретарот за американската поддршка на патријаршиските ставови: „Ние сме благодарни на Владата на САД за нејзината континуирана поддршка на Вселенскиот трон, на идеите и принципите што се трудиме да ги запазиме, а истовремено и за нашиот опстанок во историската столица на Константинопол.“
Со оглед на фактот што судирот на Православните Цркви со руската т.н. православна бизнис црква најмногу се однесува на признатиот статус на Украинската Црква, а со тоа и на Македонската и Црногорската, јасно е дека полека се приближува денот за решавање на нашето вековно македонско прашање.