
ВАЖНО: ВМРО ДПМНЕ за Преспанскиот договор
После победа на Локалните избори 2021 година, се отвори прашањето за користење на името Северна Македонија од страна на функционерите на ВМРО ДПМНЕ во локалната самоуправа. Тие се клучни за ставот на партијата по ова прашање.
Во таа насока пратеникот Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ коментирајќи ги случувањата во Советот на општина Штип каде советниците од ВМРО-ДПМНЕ потпишаа уверенија под името „Република Македонија“, потенцираше дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ кон Преспанскиот договор е јасен, тоа е завршена работа, но дека ја разбира постапката на советниците.
– За ова разбрав од медиумите, не знам што точно се случило. Од тоа што го прочитав, уверенијата така биле напишани. Не амнестирам некого од одговорност. Ако е така, мислам дека одговорноста треба да се види во општинската изборна комисија, затоа што Уверенијата ги издава комисијата, а не градоначалникот. Нашиот став како ВМРО-ДПМНЕ во однос на Преспанскиот договор не се променил. Преспанскиот за нас е завршена работа. Од друга страна, како некој што му пречи придавката, ги разбирам и овие потези. Не го гледам како нешто на кое што треба да му се дава преголемо значење, ниту да му се посветува преголемо внимание. Ако ова го гледаме како прекршување на Уставот, при промената на уставното име, зошто тогаш не го гледавме тоа како кршење на Уставот. – рече Јанушев.
На прашањето како ќе функционираат градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставното име Република Северна Македонија, Јанушев вели ќе го прифатат каде што ќе мораат.
– Градоначалниците ќе потпишуваат документи каде што нема да биде возможно потпишување без придавката, но ќе има простор како што ќе може да покажат пркос. – истакна Јанушев.