
СКАНДАЛ: Што прифатила македонско – бугарската комисија
На седницата на мешовитата македонско – бугарска комисија одржана денес на 22.10.2021 година, под притисок на МНР раководено од Бујар Османи, прифатени се бугарските позиции за македонските учебници за VII одделение, без реципроцитет за бугарските учебници.
Препораките се однесуваат на времето на преродбата, каде главните преродбеници се претставуваат како етнички Бугари, без соодветно толкување на вистината и без приказ на различните толкувања на двете страни.
Ова го соопшти членот на комиисјата проф. д-р. Ванчо Ѓорѓиев од Институтот за историја при УКИМ Скопје. Тој си поднел оставка од комисијата со Бугарија.
„Раководејќи се од професионалниот интегритет и личните принципи, ја известувам македонската јавност дека од денес, 22.10.2021 година, ја напуштам работата во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Македонија и Република Бугарија.
Професорот истакнува дека под притисок на висок функционер во МНР на XV редовна средба, со политичко влијание врз работата на Комисијата, се отстапило од утврдените принципи за консензуално носење одлуки по сите прашања, при што не беше испочитувано договореното на координативниот состанок од 20.10.2021 година и се направени отстапки кон Бугарија.
Прифатените и изготвени предлог-идеи, донесени и разменети во текот на вчерашниот ден од страна на македонскиот дел од Комисијата за препораки за учебниците за VII одделение за македонските учебници, се без моја согласност, изјавува Ѓорѓиев.
Според него, демонстрираните ставови на последната средба од страна на другите членови на македонскиот дел од Комисијата, не само што се во спротивност со Резолуцијата усвоена на 29.07.2021 година од македонското Собрание, со која се утврдуваат црвените линии во преговорите меѓу Република Македонија и Република Бугарија, туку и со македонските национални интереси.
Ги охрабрувам членовите на Комисијата кои повремено споделувале со мене слични ставови и вредности, да не ја „виткаат кичмата“.“ – се вели во соопштението.