
БУЈАР: Един народ в’в две држави
Очајот и безидејноста на власта во Македонија, како да излезе од состојбата во која сами се заплеткаа, ги надминува сите очекувања.
Во обид да излезат од сопствената каша, а да ја дозамрсат чорбата со Радев од Бугарија, Бујар Османи на должност министер за надворешни работи ни соопшти:
- Ако ги ставиме Бугарите во Уставот на Македонија, тоа значи откажување од нивна страна на политиката един народ в’в две држави“!
Го кажа тоа министерот Бујар и остана жив. Поголемо слепило не може да биде. Во ред, на прв поглед можеби така изгледа, дека Бугарите сакаат да се сепарираат од Македонците и завршиле со мисијата за бугаризација на Македонија. Но тоа е премногу тешко прашање за овие од власта да го одговорат!
Кој е планот на Бугарите? Прво да влезат во Устав на Македонија и да побараат „рамноправна застапенот“ во институциите. Процентот кој тие го сонуваат е околу 8% од вкупно население, по логиката дека сите кои имаат бугарски пасош мора да се Бугари. Лажна е бројката од 120.000 Македонци со бугарски пасоши, но Бугарија ќе инсистира на тоа.
Откако ќе го откочат процесот за „правична застапеност“ ќе се започне со вработување на „Бугари“ во македонските институции, а со тоа еден куп македончиња ќе потрчаат да станат Бугари по професија. Како што денес стануваат Албанци или Роми или Турци. Со тоа Бугарија планира навистина да ја постигне квотата од 120.000 Бугари во Македонија.
Следно ќе биде одземање на „македонската историја“ како бугарска, со што сите делови од народи согласно македонскиот Устав ќе имаат свое „историски права“ во Македонија, освен Македонците. Така Македонците ќе бидат оставени на избор дали да станат Бугари, Срби, Грци, Албанци или Турци? Се враќаме во време на пропагандите од 19ти век.
На тој начин Македонија ќе биде целосно дерогирана и не само што нема да влезе во ЕУ, туку ќе нема што да влезе во ЕУ. Оваа поделба на македонското општество ќе ја уништи државноста, а народите од Македонија сами ќе се произнесат на референдум да се одделат прво во свои кантони, а потоа да се припојат кој свои матични држави. Така конечно ќе се исполни рускиот план за поделба на Македонија на голема Бугарија и Голема Албанија, со неспорни делови и за Грција и Србија.
Дали ова Бујар Османи не го знае, или многу добро го знае, а му е дел од агендата? Што работат Заев и Димитров во оваа ситуација? Каде се нивните погледи? Во отворен Балкан и Србија? Македонија е во реална опасност, Бугарија не се откажала од нејзината политика за „Голема Бугарија“, само слепи политичари во Македонија не може тоа да го видат и ни предлагаат да прифатиме „бугарски планови“ за Македонија!
Оваа политика на Бугарија е толку погрешна, што ќе доведе до нов судир помеѓу Македонците и Бугарите, како за време на Втора светска војна, но тоа ќе прерасне и до нов балкански судир. Македонците ќе најдат единствена поткрепа кај Србите, а на тој начин наместо бугаризација ќе има србизација на Македонија. Затоа Србија и Русија ја поддржуваат актуелната политика на Бугарија.
А слепа Бугарија повторно ќе одработи за нив, а против себе и против бугарските интереси. Секако тука најтивко ќе се држи Грција, а најмногу ќе добие! Историјата се повторува. Бугарската политика не врати за време пред Балканските војни! А резултатот ќе биде ист, Бугарија најголем губитник!