Пензискиот фонд сe повеќе зависи од државната каса наместо да се осамостојува: Над 40 отсто од приходите доаѓаат од Буџетот
Зависноста на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување од државниот буџет продолжува да расте. Според Завршната сметка на ПИОМ за 2025 година објавена денвиве на интернет страницата на ПИОМ, учеството на трансферите од Буџетот во вкупните приходи на Фондот достигнало 40,36 отсто, наспроти 36,71 отсто во 2024 година.
Тоа значи дека за само една година зависноста од државните пари е зголемена за 3,65 процентни поени, односно од секои 100 денари приходи на ПИОМ, повеќе од 40 денари се обезбедуваат од државната каса.
Во апсолутни износи, трансферите од Буџетот во 2025 година достигнале 53,86 милијарди денари, односно околу 876 милиони евра. Една година претходно изнесувале 42,47 милијарди денари, што претставува годишен раст од околу 26,8 отсто.
Најголемиот дел од овие средства, 35,68 милијарди денари, биле наменети за „покривање на тековниот дефицит“ на Фондот, додека 16 милијарди денари биле за „транзициски трошоци“. Од друга страна, приходите од придонеси изнесувале 77,69 милијарди денари и учествувале со 58,22 отсто во вкупните приходи на Фондот.
Во извештајот ПИОМ отворено признава дека буџетските трансфери се клучни за редовната исплата на пензиите.
„Средствата од Буџетот на Републиката редовно се дозначуваат пред исплатата на пензиите и имаат значајно влијание врз ликвидноста на Фондот, што овозможува редовна исплата на пензиите во воспоставените рокови“, се наведува во Завршната сметка.
Вкупните расходи на ПИОМ во 2025 година изнесувале 132,75 милијарди денари, од кои дури 107,85 милијарди денари биле потрошени за пензии. На крајот на годината Фондот имал 348.795 корисници на пензија, околу 3.000 повеќе од претходната година.
Иако ПИОМ ја завршил годината со позитивно салдо од 694 милиони денари, податоците покажуваат дека пензискиот систем сè потешко ги покрива своите обврски само со средствата собрани од придонеси. Растот на буџетското учество од 36,71 на 40,36 отсто е јасен показател за зголемување на товарот врз државната каса.
Растот на расходите не е рамномерен кај сите ставки
Интересно е што растот на буџетската зависност на ПИОМ не е проследен со зголемување на сите расходни ставки. Средствата за здравствено осигурување на пензионерите во 2025 година се намалени за околу 285 милиони денари во споредба со претходната година, додека трансферите кон задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, односно вториот пензиски столб, бележат релативно умерен раст од околу 4,5 отсто.
Според завршната сметка, трансферите кон вториот пензиски столб кои ПИОМ им ги уплаќа на приватните пензиски друштва задолжително, се зголемени од 14,22 на 14,87 милијарди денари, односно за околу 4,5 отсто, додека средствата за здравствено осигурување на пензионерите се намалени од 9,66 на 9,38 милијарди денари.
