ДУИ: Ниту еден албански ученик не добил стипендија во категоријата талентирани
Само 80 албански ученици добиле стипендии од вкупно 817 доделени за учебната 2026/2027 година, што според ДУИ отвора прашања за еднаквиот третман и застапеноста на учениците при доделувањето на финансиската поддршка.
Од партијата посочуваат дека албанските ученици учествуваат со помалку од 10 проценти во вкупниот број доделени стипендии, а особено го издвојуваат податокот дека во категоријата талентирани ученици, од вкупно 50 стипендии, ниту една не добил ученик Албанец.
Во категоријата талентирани уметници, пак, само четири албански ученици добиле стипендија, од вкупно 150 доделени.
ДУИ бара јавно објаснување од Министерството за образование и наука и од заменик-министерот Дритон Сулејмани за критериумите и постапката според кои биле избрани корисниците на стипендиите.
Од партијата сметаат дека резултатите бараат детална анализа и транспарентност, особено во однос на еднаквите можности за сите ученици.
„Стипендиите не се привилегија, туку можност што треба да се доделува врз основа на правични и еднакви критериуми“, наведуваат од ДУИ.
Во соопштението се упатуваат и критики кон коалицијата ВЛЕН, со оценка дека декларативните заложби за еднаква застапеност треба да бидат проследени со конкретни резултати.
ДУИ бара МОН да ги објави целосните податоци за бројот на пријавени кандидати, освоените бодови и избраните стипендисти по категории, како и да ги образложи критериумите врз основа на кои биле донесени одлуките.
