
KOЛУMНA Бaнгиeвски: ЗAПАДНO НА БAЛКAНOТ
ЗАПАДНО НА БАЛКАНОТ
пишува м-р Владимир Бангиевски, адвокат и потпретседател на „Македонски Концепт“
Западниот Балкан е најпроблематичното подрачје на Европа, во политичка и економска смисла и ова не е некоја нова констатација! Овдека секој со секого се дели и секој на секого му е непријател од разно – разни причини – најчесто измислени!
Меѓуетничката омразата е толку вдомена, што е нормалност да биде присутна! Тука историјата никако да заврши, а се пишува секој ден – многу често и со крв. Смртта е толку присутна, што можете да умрете како мува, од неопределен број причини и никој
за тоа да не биде одговорен! Да не зборувам за куп нерешени прашања што егзистираат: од политички до инфраструктурни и секакви други! И што е уште покарактеристично, никако „работата“ да тргне на подобро, со децении, освен во ретки исклучоци!
Туку, зборот ми е за Иницијативата „Мини шенген“ односно сега со официјално име „Отворен Балкан“ – проект роден во Балканските околности, кои ги споменав погоре. Имено, започна како Иницијатива од Нови Сад, со име „Мини шенген“, а
засега дотурка до Скопје со новото име „Отворен Балкан“ и со три земји учеснички (наместо шест колку што се земји на Западниот Балкан), Србија, Албанија и Македонија!
Има неколку поенти во врска со овој проект!
1. Проектот е резултат на инертноста на Европската Унија. Европската Унија никако да се наметне како фактор во овој дел од Европа, веќе подолг период. Сакам да кажам дека процесот на „европеизација“, никако да започне, а плус, Европската Унија
нема никаков одговор ниту решение за проблемите и предизвиците со кои се соочува овој регион! ЕУ, со својата млитавост, се доведува многу често во ситуација, САД на крајот да ја превземат „работата во свои раце“ и „да пресечат“ во врска со некој
проблем од овој регион. Таков беше случајот со Преспанскиот договор, на пример! Пак САД мораше да застане цврсто и да го реши, конечно, тоа прашање!
2. Земјите од Западен Балкан со текот на времето сфатија дека приемот како рамноправни земји членки на Европската Унија е еднакво на убава бајка! Од една страна, сосема е јасно дека, самата ЕУ, не е спремна за никакво проширување и е
преокупирана со свои внатрешни проблеми и тешкотии, а од друга страна чинам дека не ни постои желба за понатамошно проширување на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, зошто многу земји – членки на ЕУ тоа го разбираат како увезување на нови и
големи проблеми и се против! Тука се малку и дволични: велат дека сакаат интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, а од друга страна „молат бога“ таа да не се случи! И кога отвораат преговори за прием, како во случајот со Србија, која има веќе
поминато многу поглавја и затворено, тоа никако не значи дека приемот во рамноправно членство е на дофат. Тие преговори може да траат неограничено време, како примерот со Турција, која 30 и повеќе години преговара со ЕУ, без никаков изглед
дека кога било ќе биде примена!
Толку не сакаат никого да примат, што, на пример, за Србија, услов за прием во ЕУ, е решавањето на косовското прашање, (на некаков „крај“?! – на каков крај се мисли не знам – веројатно не на крајот на Светот!) и тоа отворено го нагласи Германската канцеларка во заминување – Ангела Меркел, при својата последна посета на Србија и Албанија. Е сега, бидејќи сите знаеме дека тоа прашање нема никакви изгледи да се реши ни на најдолги стази, а не пак одма и сега, значи Србија може „да сонува“ дека некогаш и воопшто ќе биде примена во ЕУ, освен ако не се случи чудо!
3. Македонија е дел од Иницијативата „Отворен Балкан“ и е тажна прикаска за нејзиниот пат кон ЕУ, ама е и поука за другите земји од Западен Балкан! Ние направивме се што беше до нас, како најпослушни ученичиња, да ги исполниме условите за почеток на преговори со ЕУ, но соочени со ветото од Бугарија, сфаќаме полека – полека дека „рајот“ е сепак далеку! Настрана проблемот со Бугарија! На бугарското вето се покажа дека ЕУ нема капацитет, во нејзини рамки, ефикасно да решава било каков проблем, но и не само тоа, туку ветото од Бугарија за Македонија им дојде „добродојде“ на сите оние земји – членки на ЕУ, кои се противници на
проширувањето, ама дипломатски глумат дека сакаат проширување! Со ветото на Бугарија, сега и Албанија е спречена да започне преговори за прием со ЕУ, иако и таа ги исполни сите услови за почеток на преговори, зошто двете земји – не знам зошто –
требало да одат во пакет на патот кон ЕУ, небаре се сијамски близнаци, па не може едната без другата. Причината сепак не е „пакетот“ со Македонија – туку несакањето Албанија да биде дел од ЕУ!
4. „Отворен Балкан“ не предвидува создавање на наднационални институции односно заеднички органи – барем засега! Но, оваа Иницијатива, како производ на Берлинскиот процес (кој нема никаков успех!), совршено се поклопува со интересите
на Србија и Албанија, да го добијат тоа што го посакуваат. Од тие причини, настрана од Иницијативата и со недоверба застанаа: Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина! Македонија, својот интерес да биде дел од „Отворен Балкан“, го виде пред се како
начин на замена, односно алтернатива на недостижната ЕУ, без да изгуби било што, бидејќи не ни доби – било што, од ЕУ! И, без разлика што сите лидери на земјите од „Отворен Балкан“ категорички велат дека ова не е замена за ЕУ – чинам дека сепак е
замена, барем засега, а мислам дека и тие истото го знаат – само не го кажуваат од политички причини!
5. И конечно! Ако гледаме чисто на Иницијативата, таа личи на повторување на процесите на интеграција што ги започнаа двете историски непријатели, Германија и Франција, после Втората светска војна! Онака како што започна прикаската со ЕУ од
тие земји и некои други – тогаш, најверојатно идејата е да започне истата прикаска и тука, на Балканот, од Србија и Албанија и другите земји кои се приклучија или ќе се приклучат подоцна! Колку може работите да се повторат- ќе видиме!
М-р Владимир Бангиевски