На КИНА и се стега обрач, дали ќе има војна

Свет

Велика Британија, САД и Австралија објавија формирање на историски безбедносен пакт во Индо – Пацификот, што се смета за обид за спротивставување на Кина. Тој ќе ѝ овозможи на Австралија за првпат да изгради подморници на нуклеарен погон со помош на технологија што ќе ја обезбедат САД. Со тоа Австралија се милитаризира и станува глава база за евентуална војна со Кина.

Пактот наречен АУКУС ќе опфати и вештачка интелигенција, сајбербезбедност и квантни технологии. Аналитичарите велат дека ова е најголемото одбранбено партнерство помеѓу држави од Втората светска војна и следува откако во последните години западните сили изразуваа загриженост за растечката воена наметливост на Кина во индопацифичкиот регион.

„Новото партнерство има за цел да промовира безбедност и просперитет во регионот“, се вели во заедничката изјава на американскиот претседател Џо Бајден, британскиот премиер Борис Џонсон и неговиот австралиски колега Скот Морисон.

Кинеската амбасада во Вашингтон го критикуваше пактот и ги обвини трите држави за менталитет на Студената војна и за идеолошки предрасуди.

Иако САД, Британија и Австралија одамна се сојузници, АУКУС ја формализира и продлабочува нивната одбранбена соработка. Лидерите на трите држави не ја спомнаа Кина директно во својата изјава, но кажаа дека регионалните безбедносни предизвици значително пораснаа. Пекинг подолго време се обвинува за кревање тензии во спорни територии како Јужнокинеско Море и значително инвестираше во својата Крајбрежна стража, под што, според аналитичарите, се подразбира воена флота.

Според пактот, Австралија ќе стане седмата држава која ќе добие подморници на нуклеарен погон, покрај САД, Велика Британија, Франција, Кина, Русија и Индија. Австралија притоа го раскина договорот со Франција за изградба на 12 подморници, вреден 31 милијарда евра.