ДОБРО УТРО од аматерката со „De jure„ и „de facto„ сувереност

Добро утро

„De jure„ и „de facto„ сувереност!

пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкyлтeт

Нема „de jure„ сувереност без „de facto„ сувереност!

Устав на РСМ, Член 1 „Република Северна Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Суверенитетот на Република Северна Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.“

Погоре цитираното е доволно за да се констатира дека искористени се поими за државно уредување кои „de facto„ неможе да се поистоветуваат со нашето. Дури и името „Северна Македонија“, „de facto„ нема соодветна примена како што е предвидено.

Имено, Република е облик на владеење каде шефот на државата се избира по пат на избори. И тоа делумно е ок. Но, изборите пак на кој се избира треба да претставуваат процес на донесување одлуки при кој граѓаните ќе гласаат за кандидатот или политичката партија кој го претпочитаат како свој претставник. Значи слободни и демократски, спроведени од независно, непристрасно, одговорно и професионално тело. Без „братски делби на гласови, без корумпирани членови и без непрофесионални „одржувачи„ на системот кои овозможуваат хакерски напади врз истиот.

Кај нас е пракса ова второво. А како пак кандидатот се избира и се „сервира„ на нас „суверениве„ е тоа во друга прилика. Толку од Републиката. С’ржта е сувереноста. Ја поседуваме ли?!

Во демократските држави (каде што би требало да припаѓа и нашава), предвидено е сувереноста да ја има народот. Клучниот елемент на сувереноста во законодавна смисла е исклучивоста на јурисдикција или jus dicere, што значи “да се изрече правото” преку судовите, а применувајќи ги законите. Но, се мисли на судови кои се самостојни и независни и кои се однесуваат објективно и правично, а пресудите ги носат „Во името на народот“! Толку и од сувереноста.

Уставот вели дека сме и самостојна држава! Па можеби и сме, кој како ја дожувува. Тоа е оставено на слободен избор на граѓаните. Според мене, самостојноста како идеал на македонските патриоти и револуционери од едно друго време, сеуште импулсира кај дел од нивните потомци, кои за жал, со текот на годините се се’ помалку и помалку и се упорни во нивните заложби за самостојност. Си велам, ако сме самостојна држава што сеуште овие бараат самостојност!? Од петни жили се обидуваат да објаснат на сопствениот народ колку тоа е важно и се изложуваат на сопствен „линч„ од клиентелистите кои се помногубројни и секогаш ВЛАСТ.

Чудно, нели?? Демократска! Од основните темели на демократијата, ние во овие 30 години успеавме „de facto„ да се потприме само на еден од нив и тоа на правата на малцинствата. Толку засега. Останува да се потрудиме сувереноста да биде сувереност на народот, да се потрудиме власта да ја засноваме врз согласност на владеаните, да владее мнозинството пред се, па така да си обезбедиме гаранции за нашите основни човекови права. Сето ова ќе успее откако ќе успееме да спроведеме слободни и праведни избори, кога сите ќе бидат еднакви пред законот во соодветна законска постапка и најважно кога нема да имаме уставни ограничувања од власта.

Исто така е важно, да поседуваме општествен, економски и политички плурализам, а поседувањето на вредности на толеранција, прагматизам, соработка и компромис ќе ни бидат украсни епитети. Кога ова ќе го постигнеме, тогаш со право можеме да се нарекуваме демократска држава.

На крај, Уставот покрај претходно споменатите предвидува да бидеме и социјална држава. И тоа сме го утнале! За некоја држава да ја наречеш социјална, потребно е да те асоцира на држава во која акцентот е ставен врз благосостојбата, социјалните и економските права на граѓаните. Поточно, држава во која секој ќе има доволни финансиски приходи, ќе биде здрав, ќе има добри услови за домување, соодветно образование и редовен одмор.

За жал, не сме ни на почеток. Кога „de facto„ ниту еден поим не е соодветен за нашето државно уредување имаме две опции од кои, првата е под итно да почнеме да го спроведуваме Уставот или да го промениме називот согласно „de facto„ уредувањето, барем на тој начин нема да си го прекршуваме сопствениот Устав!