ДOБPO УТPO од aмaтеpката со Ноmо sарiеns

Добро утро

Ноmo sарiеns!

пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкyлтeт

После период од 3-4 милиони години се смета дека човекот Homo sapiens (свесен човек) го достигнал врвот на својата еволуција.

Примитивизмот и борбата за опстанок на својот вид низ процесот на еволуција се смета за минато. Дека тоа е така, сведочат секојдневните информации за постигнатиот напредок, пред се во технологијата. Па така на дневна основа ќе прочитаме за:

-„Спејс-Икс“ утревечер ќе лансира четири лица во тридневна приватна мисија во орбитата на Земјата. Ова е прв лет само со цивили.

– Нов прототип на човековиден робот ќе биде претставен следната година од компанијата на Илон Маск, „Тесла“, дизајниран да „извршува и сложени и здодевни задачи“, па дури и да пазарува, по потреба.

– Шпанска компанија разви систем за извлекување вода за пиење од воздух за снабдување сушни региони каде што луѓето имаат голема потреба.

– По речиси 15 години одложувања и технички застои, новиот руски научен модул наречен „Наука“ успешно се спои со Меѓународната вселенска станица (МВС) во орбитата на Земјата.

– Прв меѓуградски лет„Прототипот 1“ на летачкиот автомобил „Aircar“ ……… Воодушевувачки!

Но, паралелно на истиот сајт ќе прочитате:

– Започна изградба на водоводна мрежа во должина од 470 метри во Кисела Вода.

– Се работи интензивно во проширување на канализациона мрежа во повеќе гостиварски села.

– Иницијативата за изградба на основно училиште во Идризово остана во заборав.

– Македонија во врвот според починати од коронавирус во светот.

– Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, 455.600 лица во Македонија живеат во тешки услови, што е 21,9% од вкупното население. Најпогодени се повеќечлените семејства.

– Грозоморно убиство – го усмрти својот сосед со секира…..

Забораваш на претходните наслови и се прашуваш:

Дали ова се вести за една иста планета?!

Дали ние навистина сме еволуирале доволно за да се поистоветуваме со називот sapiens (разумен) или пак од одредени причини сме останале таму некаде во камено доба како Homo?!

Дали имаме воопшто право да бидеме во исто друштво со еволуираните?!

Не. Немаме. Реалноста е дека ние сеуште се бориме за опстанок. Преживуваме. Среќа е да поседуваш сопствено засолниште за да се заштитиш од атмосферски влијанија. Сеуште опстанокот е заснован на ловечко – собирачки начин на живеење ускладен со годишните времиња.

Самокритичноста е здрав начин на зголемување на самосвеста кон извршување на работите подобро и побрзо, како и надминување на нашите неуспеси и слабости. Кога ќе успееме со самосвеста ќе успееме и да си избереме соодветни „главатори„! Нема да можат така лесно да ни се протнат „неандерталци“ кои повторно ќе сакаат да ни ги ограничат можностите за евoлуција.

Додека не си признаеме пред себе дека не сме се потрудиле доволно, нема и да се подобриме ниту во наредните 3 милиони години.