
КОЛУМНА Бангиевски: П Р Е Б Р О Ј У В А Њ Е
П Р Е Б Р О Ј У В А Њ Е
пишува м-р Владимир Бангиевски, адвокат и потпретседател на „Македонски Концепт“
Кај нас сите процеси, па и оние најбитните, одат многу тешко! Тешко е да спроведете избори, без манипулации, недоверба и сомнеж – па дури и најгруб грабеж, тешко е да направите било какава реформа – законска или структурна, тешко е да спроведете мерки за заштита на населението од заразни болести, тешко е дури и локален проект да спроведете како што треба, без некој да опструира.
Да, опструкциите се составен дел на нашето живеење години и децении наназад! Тие се како запршка на манџа! За било што, некој е незадоволен, а тој што е незадоволен, многу лесно придобива свои, исто така незадоволни – од се и сешто, приварзаници, бидејќи кај нас незадоволници од се и сешто имаш „да ги ринеш со лопата“! Тоа придобивање на „незадоволници“ денес со социјалните мрежи многу лесно се прави. Доволно е само една искра на незадоволство да се појави од некого на социјална мрежа и тоа да направи пожар за „сите пари“!
Што е уште почудно, фокусот на темата секогаш го губиме при општествени дебати! Па, наместо да се дебатира за тоа – што е тема на дебатата, кај нас обично дебатата се извртува на сосема друга страна и во сосема друг правец или пак се дебатира за сосема спореди и небитни работи, а од вид се губи суштината на темата и тоа што е битно за неа! И уште нешто, одамна имам забележано дека кај нас, најголеми дебатери и редовни противници за се и сешто, се обично луѓе кои немаат поим од темата за која се дебатира, ама не дај боже да им го кажеш тоа во лице… (луѓе тнр. „експерти за се“!)!
Па така, имаме: „експерти“ за архитектура, урбанизам, здравствени прашања, социјални прашања…., а за политика веќе и муабет да не правам – сите знаат се за политика и знаат како треба: од маалскиот бербер, до таксистот и чуварот на некој објект, па се до академикот! (немам намера никого да омаловажам – баш напротив!)
Туку, настрана нашиот колективен нарав – зборот ми е за друго!
Ние никако да се преброиме како луѓе – колку сме и какви сме по структура, како целиот нормален свет! Не сме бре во состојба веќе 20 години да направиме најобичен попис! Да, најобичен попис! И тоа е катастрофа! Ние сега немаме никакви релевантни податоци за ништо – а толку ни се неопходни за било што друго! Без бројки Вие фактички работите „на слепо“, а шансата да донесете погрешна одлука е тука до Вас! Бизнисот од оваа состојба најмногу страда, а после неа Државата и граѓаните!
Да се разбереме! Пописот е пред се стручно – статистичка операција – а не политичка! Ние изгледа не можеме да го спроведеме зошто, толку го исполитизиравме (како и се друго!), и го направивме како да е прашање: да се биде – или не?!, што освен преку етничко – политичка призма, никако да сфатиме дека тој има и друго – огромно мултифункционално значење! Значење пред се за економијата на една земја, а после и за сите други општествени области и процеси! Пописот, на пример, покрај другото е и научна база! Дава егзактни податоци кои на големо се користата во научни цели, а на база на пописните резултати понатаму се „кројат“ политики – економски, социјални, културни итн. За бизнисот веќе кажав колку значи!
Но не! Ние упорно се вртиме околу тоа која етничка заедница – колку ќе е на број со пописот, а партиите, прашањето го (зло)употребуваат за собирање на политички поени, посебно пред избори! За мене лично, пописот и неговото значење, да се сведе само на тоа која етничка заедница колкава ќе е на број – е менталитет на стадо! Од таа етничка матрица ние никако да излеземе, сведувајќи ги, децении наназад, сите процеси во земјава на етнички интерес!
Прво, мене, пописот не ме прави и не може да ме направи ни поголем – ни помал Македонец, а тоа не го прави ни Албанецот – ни кој годе друг граѓанин на оваа земја! Одбивам лично, да бидам третиран како некаква си овца од стадо, па да ме бројат како дел од некое трло, за да кажат дека јас сум дел од тоа избројано трло, а бројката на моето трло е: толкава и толкава – во споредба со другите овци од другите трла! Тоа е понижувачки според мене! Ама тоа што ние, граѓаните на оваа земја, дозволуваме таков пописен третман и карактер на пописот, е резултат токму на градење на тој менталитет на припадност кон некакво „стадо“!
Второ, околу правата! Ниедно право не може да биде поврзано со пописен број на припадници на една етничка заедница. Право е право и тоа на секому му припаѓа, без оглед на бројот на членови на неговата етничка заедница, и без оглед на тоа дали етнички личноста се дефинира или не – по самиот факт што е човек и граѓанин на оваа земја! Ако Охридскиот договор беше врзан за проценти и бројки на тнр. етнички заедници, за остварување на некакво колективно право и тоа тогаш беше опортуно и оправдано, односно мораше да биде така, во денешно време, чинам дека тоа треба да го надминеме! Ниедно право не може да биде стекнато или загубено, денеска, ако нечија етничка бројка е поголема или помала!
Не! Со ваквиот приод кон работите јас не се согласувам! Ние генерално, мораме да го менуваме пристапот кон работите, за се, во оваа земја. Тоа значи дека мора да трансферираме од етничка кон граѓанска демократија односно од етноцентрично кон граѓанско општество. Мора да сфатиме дека тоа е суштински важно за опстанок и на сите нас како етнички заедници – Македонците и Албанците, Турците, Власите, Србите и сите други. Тоа трансферирање ќе значи отварање на инклузивен процес на градење на општество – наместо ексклузивен, што е неопходно за целосна интеграција на македонското општество! Воспоставување на инклузивни процеси, со себе ќе повлече и општествена инклузија на другите видови идентитети – освен етничкиот, кои не можеме да ги занемаруваме и тргаме на страна!
И трето, пописот мора да биде безусловно кредибилен. Што значи дека, во неговите резултати мора сите да веруваат како во целосно точни. Само таков попис е оправдан и релевантен за се друго – за што е потребен! Било каква „дамка“ на процесот, ќе значи повторно за џабе потрошени пари и енергија и повторно ќе не врати во истата состојба како да сме немале попис! Тој „луксуз“ не смееме да си го дозволиме заради самите нас!