ПРИВЕДЕН СТЕФАН БОГОЕВ, ПОРАНЕШЕН ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ НА СДСМ И ЕКСДИРЕКТОР НА ЦАРИНАТА
Приведен е поранешниот директор на Царинската управа и поранешен висок функционер во СДСМ, Стефан Богоев, според неофицијални информации.
Освен него, во акцијата на финансиската полиција се приведени уште три лица, а за други се преземаат истражни дејствија.
Акцијата се спроведува во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а според првичните информации, се однесува на сомнежи за местење тендер и за незаконитости во постапка за јавна набавка поврзана со Царинската управа, при што била стекната противправна имотна корист од големи размери.
Осомничените се товарат за злоупотреби, финансиски малверзации и за други незаконитости поврзани со тендерската постапка. Постапката произлегува од претходна предистрага насочена кон откривање кривични дела извршени од службени лица.
Надлежните институции засега не откриваат повеќе детали за предметот, а во текот на денот се очекуваат официјални информации од Финансиската полиција и од ОЈО ГОКК.
Од ОЈО ГОКК само потврдија дека под нивна координација Управа за финансиска полиција спроведува акција поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела од коруптивна природа. Акцијата сè уште трае, па обвинитеството не може да сподели детали.
Стефан Богоев е поранешен потпретседател на СДСМ, поранешен пратеник, поранешен градоначалник на Општина Карпош од 2017 го 2021 година. За директор на Царина беше поставен во јуни 2023 година, а функцијата ја извршуваше до јули 2024 година.
