ВОЈНА во МНР: Чии кадри се уапсените во Србија

Свет

Во МНР отворен конфликт за тоа чии кадри се уапсените дипломати во Србија и тоа по потерница од Интерпол. Тој конфликт се пренесе во медиумите, со две тези.

Првата е дека вицепремиерот Никола Димитров иако знаел од ИНТЕРПОЛ, сепак не преземал мерки против овие дипломати, а втората теза е дека уапсениот е роднина на Саша Мијалков.

Уапсениот македонскиот дипломат во Мисијата на ОБСЕ во Виена, Миле Миленкоски е во роднински врски со контроверзниот македонски бизнисмен и екс директор на УБК Сашо Мијалков, веќе осуден за повеќе кривични дела, а последниот актуелен случај е „Плацевите на Водно“.

Дознаваме дека, случајот поради кој Миленкоски е уапсен во Србија, а баран со меѓународна потерница од австриските власти, има позадина во безбедносните служби бидејќи станува збор за сомнителен транспорт на висок ерменски функционер, кој со помош на Миленкоски и уште двајца македонски дипломати е извлечен од Ерменија, со приватен авион, што македонската „тројка“ го обезбедила по свои канали.

Другата вест е дека ИНТЕРПОЛ навремено го известил поранешниот МНР Димитров за дејанијата на овие дипломати, но тој од неразбирливи причини не преземал никакви мерки против нив.

Ерменецот во својата земја бил осомничен за злоупотреба на милионски суми, а „спасувачите“ од македонската мисија во Виена, „за оваа шпионско – дипломатска операција по забрзана постапка регистрирале невладино здружение за лица со посебни потреби, наводно за учество на една конференција на оваа тема.

Миленкоски во моментов е во екстрадиционен притвор во Србија по основа на меѓународна потерница за дело за кое се товари дека го сторил за време на негово приватно патување во странство, потврдија од МНР.

Министерството за надворешни работи согласно законските надлежности го стави во мирување работниот однос со притворениот вработен, сѐ додека случајот не биде разрешен.