Максим избркан, Жика не! Кај е проблемот?

Македонија

На овие локални избори карактеристични се двајца кандидати за градоначалници, едниот во Куманово, другиот во Илинден.

Максим Димитриевски избркан од СДСМ, зашто се кандидирал како независен, а Жика Стојановски не е избркан од ВМРО ДПМНЕ, иако се кандидираше како независен.

Што е разликата помеѓу нив двајца? Ништо! Едниот во судир со Заев, не доби поддршка од СДСМ и се кандидира независен. Другиот во судир со Мицкоски, не доби поддршка од ВМРО ДПМНЕ и се кандидира за независен.

Но зошто едниот е исклучен, а другиот не е исклучен од партијата?

Години и години во јавноста се зборува за Статутот на ВМРО ДПМНЕ, особено после иницијативата за реформи на таа партија. Имаше информации за некаква демократизација на тој Статут, но исто така дека во делот на непослушност кон партијата тој е дополнително централизиран и строг, со мерки за исклучување од партија на прва рака.

Никој не говори за демократијата во СДСМ и за нивниот „демонкратски“ Статут. Согласно последните настани, излегува дека СДСМ е далеку понедемократска партија од ВМРО ДПМНЕ, зашто во ист случај во двете партии, СДСМ исклучува членови, а ВМРО ДПМНЕ не исклучува.

Кој е поголем „грешник“, Максим или Жика? Кој на која партија повеќе и погреши, што се донесени различни одлуки? Чив Статут е понедемократски, оној на СДСМ или ВМРО ДПМНЕ?

Или и двете партии се сетри близначки и подеднакво недемократски? Како и кога вистински ќе ја демократизираме политичката сцена во земјава? Овие прашања мора да добијат соодветни одговори!