КОЛУМНА Бангиевски: П Р О К Л Е Т И   Г О Д И Н И

Македонија

П Р О К Л Е Т И   Г О Д И Н И

пишува м-р Владимир Бангиевски, адвокат и потпретседател на „Македонски Концепт“

Ова, Лето Господово 2021, навршуваат јубилејни, 30. години од независноста на Македонија, односно од нејзиното осамостојување од тогашна СФРЈ. Кога ли само поминаа 30 години – а, к’о вчера да беше! Лета времето – лета…! Но, неисе…

За прв пат, јавно, ќе изнесам некои мои тези, ставови и мислења, во врска со случувањата во тие години, пред осамостојувањето и во врска со самиот процес на осамостојување, кои може би и нема на многумина да им се допаднат, ама како жив сведок на тоа време и на тие бурни години, сметам дека се објективни.

Ние се осамостоивме во специфични и сложени околности и како резултат на распадот на поранешна Југославија. Имено, нашето осамостојување повеќе беше нужен процес, отколку наша желба, во тоа време, да станеме независна држава! Ова не го тврдам на памет! Некои политички аналитичари или сведоци на тоа време, па и директни актери во настаните, од просторите на поранешна СФРЈ, знаат да кажат на шала, дека Македонците се единствени кои добија независност која не ја сакаа!

Сакам да кажам дека приказни за мали деца се оние тврдења кои ги слушам денес од некои, дека ние „сме гореле“ од желба да имаме независна држава, па спектакуларно сме го извеле целиот процес на осамостојување! Не! Вистината е дека ние немаше што друго да правиме тогаш – освен да се осамостоиме! Планот „Б“, за нас тогаш, (одење во сојуз со Милошевиќ), беше полош, отколку планот „А“ – да станеме независна држава. Ние моравме да се осамостоиме, иако до последен миг се надевавме дека Југославија ќе опстои – барем во некаква форма, односно дека до некаков договор помеѓу некогаш братските републики ќе дојде!

Последна наша надеж дека Југославија сепак ќе се спаси, беше платформата Глигоров – Изетбеговиќ.  Па, не само што до спас на Југославија не дојде, туку произлезе дека сме направиле паметен потег што сме се осамостоиле, со оглед на настаните што се случуваа подоцна на просторите на поранешна Југославија, во текот на 90. години на минатиот век.

Ајде да одиме со некои факти!

Југославија се распадна после целосниот крах на социјалистичкиот самоуправен систем и под „хунскиот“ налет на разјарените национализми, кои го пополнуваа оставениот празен простор на комунистичката идеологија. Мислам дека, да бевме попаметни, заедничката држава можевме да ја сочуваме, или барем можевме да ги сочуваме придобивките од таа држава кои ги изградивме низ времето на нејзиното постоење. Можевме, Југославија, од самоуправната, социјалистичка заедница, да ја трансформираме во сојузна држава од либерално – демократски тип, со нов Устав и пазарна економија, но и понатаму врз Авнојските принципи на конституирање.

Но паметни не бевме, па срушивме се што можеше да се сруши од таа заедничка држава – до темел! Камен на камен не оставивме! Во тој процес на распад на СФРЈ, ние се најдовме затечени! И не само ние! Во тој конфликт помеѓу Србија и Црна Гора од една страна и Словенија и Хрватска од друга, ние и Босна и Херцеговина, бевме неутрални, односно не заземавме страна, залагајќи се цело време за компромисно решение. Не дека не се нудеа решенија за излез! Се нудеше и форма на конфедерација, на асиметрична федерација, скратена федерација… Но, од тоа ништо!

Во тие бурни години, а со надеж за некаков нов сојузен договор, македонското политичко раководство, про – југословенски настроено, се најде и на удар на „увезен“ национализам. Национализмот тогаш, на просторите на поранешна Југославија, го разбуди од длабок сон македонскиот национализам, олицетворен во ВМРО – ДПМНЕ, како прва политичка партија во Македонија со национална ориентација. Изворен национализам кај нас немаше, со оглед на систематското наметнување на југословенизмот, со децении, меѓу  Македонците!

Но, Српскиот, подоцна Хрватскиот, Словенечкиот национализам, го предизвикаа и Македонскиот. Одеше тешко со нашиот национализам, но настаните и брзината на политичките случувања во тогашна Југославија, му одеа во прилог. Па така, своевремено, добивме два, жестоко спротивставени табора: про – југословенски и националистички! Про – југословенскиот табор, (предводен од тогашниот СКМ – ПДП), иако имаше своја цврста база и структура, мораше да прави извесни компромиси со другиот табор, согледувајќи ги случувањата во тогашна Југославија.

Тогаш на површина излезе покојниот Киро Глигоров. Млад, сојузен пензионер, кој после децении поминати на сојузни функции во Белград, се враќа во Скопје, иако ни во своите мемоари „Македонија е се што имаме“ не го објаснува, детално, неговото враќање во Македонија и причините за тоа. Како политички профил на „апаратчик“ и југословенски тип на политичар, но со авторитет, беше амортизатор на национализмот и меѓуетничките конфликти кои добива на интензитет кај нас, водејќи некаква избалансирана политика, која значеше разум, во целото безумие тогаш!

Како и да е! Бидејќи немаше што друго, чекајќи ја разврската на настаните во Југославија, и под притисок на новопроизведениот национализам, првиот повеќепартиски парламентарен состав, на 25. јануари 1991 година, ја донесе Декларацијата за сувереност на СРМ (социјалистичките атрибути тогаш се уште не беа избришани, а и сеуште стоеше огромниот портрет на Тито во собраниската сала!). Декларацијата, својата правна основа, ја наоѓа во Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (сосема оправдано!), иако и последниот сојузен Устав од 1974 година, го признава правото на самопределување и отцепување на Републиките!

„Работата“ не застана тука, па се отиде на најдемократската форма на изјаснување – Референдум (сосема правилно!). Настаните околу Референдумот, ја оправдуваат тезата за тоа дека целиот процес на осамостојување „висел во воздух“, односно дека расположението на граѓаните не било за осамостојување на Македонија!

Има живи сведоци, и обемна архивска граѓа, кои можат да посведочат за настаните околу подготовките на Референдумот! Иден – денеска контраверзи предизвикува поставеното референдумско прашање, односно неговиот втор дел. Знаете, најтешко е кога нешто нејќете – а морате, па правите разно – разни конструкции за да успеете! Во неколку наврати, во свои ТВ изјави, тогашниот лидер на ВМРО – ДПМНЕ, Љубчо Геогиевски, има кажано дека од анкетите, спроведени пред референдумот, се стравувало дека истиот нема да успее! Мнозинството граѓани, биле за останување во тогашна Југославија. Понатаму, од дадените изјави на Никола Поповски – поранешен Министер за финансии од редовите на СДСМ и покојниот – Академик Блаже Ристески, во врска со референдумското прашање (како тоа се составувало и каде и со кого), не треба да се биде многу паметен, за да се сфати, зошто било неопходно да се постави такво (трик) прашање – какво што беше поставено – „…со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“!?

Одговорот е: – Без вториот дел од прашањето, можело референдумот да не успее! Памет речено, црпејќи од тоа искуство, слично се постави и референдумскот прашање во врска со Преспанскиот договор – но околностите веќе беа други! Тогаш, во таа 1991 година, сите знаевме дека Македонија, со осамостојувањето, влегува во неизвесност и стравуваме заради тоа – па некако мислевме дека, заради сигурна иднина, подобро е да останеме во јатото, кое со жалење гледавме како интензивно и крваво се распаѓа. Времето, од тогаш до сега, ги оправдува тогашните стравувања на граѓаните.

Референдумот успеа, со огромен процент на граѓани кои се изјаснија ЗА, вклучително и Албаниците! Македонија се осамостои и стана независна држава, тој сојуз на суверени држави на Југославија никогаш не се оствари, но споменот за тоа време и таа држава до денеска не исчезна!

Па, денеска, ако погледнеме наназад, резимирајќи ги годините после Референдумот, останува единствено впечатокот дека патот кој го изодевме беше трнлив и неизвесен – а сеуште не е ни дооден, иако е веќе извесен и знаеме накаде води!

Но, и покрај сите премрежја низ кои поминавме овие 30. години наназад, чинам дека желбата кај граѓаните за подобра Македонија никогаш не згасна! Чинам дека мислата за тоа дека сепак треба да ја сочуваме оваа земја остана. Заради таа желба и таа мисла ги направивме и сите оние компромиси, кои може би беше неопходно да се направат, низ времето поминато и кои ги правевме со „тешко срце“!

Сега е време само за едно – да успееме да ја подигнеме нашата економија, која значи подигнување и на животниот стандард, односно подобар живот за сите нас!

Владимир Бангиевски, с.р.