Кoлyмна Ајрулаи: Уништeн дoгoвop

Колумни

Уништен договор

пишува м-р Лулјета Ајрулаи, копретседател на Женски Концепт

На 13.08.2021 година се навршија 20 години од потпишувањето на Рамковниот договор познат и како Охридски рамковен договор, бидејќи после неколку месечни преговори беше потпишан во Охрид. Со Рамковниот договор официјално се заврши вооружениот конфликт во Република Македонија во 2001 година. Да, значи имавме вооружен конфликт, некои ја нарекуваат и војна. Со човечки жртви, уништени домови, раселени лица, исчезнати лица. Ненадоместливи штети.

Со Рамковниот договор се постигна мир. Во самиот Договор се содржани неколку области кои треба да се подобрат во функција на развој на демократско општество, владеење на правото и децентрализирана власт што значи подобрување на услугите кон граѓаните на локално ниво каде тие би биле активни учесници. И сето ова е во ред. Но, дали имаше потреба прво да се испоубиеме меѓу себе за да ги реализираме овие цели? И дали после 20 години сме постигнале да ги уживаме благодетите на развиено демократско општество? Кој и што доби од Рамковниот Договор, а кој изгуби?

Се наметна една општа заблуда дека со овој Договор добиле и победиле Албанците. Да видиме што добија Албанците, вработувања во државната и јавната администрација? Едно е точно, дека навистина се зголеми бројот на етничките Албанци во јавните институции и државните органи. Но, на кои Албанци? Партиски војници, послушници и фанатици. Роднини на партијата на власт како да станува збор за приватни фирми, а не за државни институции. Албанци со неквалитетно образование и купени дипломи, нестручни и некомпетентни. Несистематизирани вработувања. Мал, многу е мал бројот на оние образовани и стручни Албанци кои успеале да се вработат, но тие биле принудени да платат висока сума на пари за тоа кај партиските рекетари.

Понатаму, што добија Албанците од Рамковниот договор, високо образование на мајчин јазик? Трите универзитети на албански јазик, два во Тетово и еден во Скопје се партиски дувла, фамилијарни установи каде непотизмот е на екстремно високо ниво, тие се директен фактор за осакатување на младите генерации и пример за деформирано образование. Што добија Албанците, документи на албански јазик или двојазичност? Затоа ли се зголеми бројот на Албанците кои масовно ја напуштаат Македонија и заминуваат во европските земји?

Во овие прашања што ги поставив делумно е содржан и одговорот што добиле Албанците од Рамковниот договор. И не само Албанците, требаше сите ние кои живееме во Македонија без оглед на етничка припадност да имаме придобивки од тој Договор, да добиеме слобода, правда, сигурност и благосостојба. Но тоа не се случи. Се случи нешто друго и спротивно, а тоа е тотално деградирање на Рамковниот договор и брутална злоупотреба на истиот за тесни партиски интереси и валкани политички игри од страна на ДУИ потпомогнати и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ.

Затоа Охридскиот рамковен договор веќе ја изгуби целта и суштината. Во практичната имплементација тој е унаказен и уништен. И сите изгубивме, а добија само ДУИ кои се устоличија на власт. Поради тоа вицепремиерот Груби со толку елан и волја организираше гламурозна прослава со парите на граѓаните за 20 годишнината.

А врвот на мизеријата е неговата изјава дека, замислете, после 20 години ја пронашол оригиналната верзија на Договорот, која досега ја немала ниту една надлежна институција, дури и самите претставници на политичките партии кои беа потписници на тој Договор. Можеби пријателот на Груби оригиналната верзија ја чувал во подрум, па тоа е уште еден доказ колкава е вредноста на Рамковниот договор од денешна перспектива.