
Фрчковски, Богојески и Хајредини за УЧK и Oxpидcки договор
После 20 години од рамковниот Охридски договор, сеуште во стручната и научна јавност нема дефиниција на случувањата во земјава од 2001 година. Кои се причините, целите и резултатот од тој воен конфликт. Дојде време тоа да се стави во учебниците по историја, а никој не сака да даде дефиниција на настаните. Молк од потписниците на рамковниот, кои се сеуште живи, особено од Црвенковски и Георгиевски.
Единствено кој се охрабрија да го дефинираат тој процес и отворено да го коментираат се проф. Фрчковски, претседателот на УЕФМ и промотор на Мак Концепт Петар Богојески и поранешниот министер за финасии Џевдет Хајредини.
Професорот Љубомир Фрчкоски кој беше дел од тимот кој работеше на Охридскиот рамковен договор потпишан по конфликтот од 2001 година, настаните кои се случуваа тогаш ги дефинира како бунт или востание.
Тој од меѓународен аспект се рангира како ниско интензивен внатрешен конфликт, во правна смисла нешто помеѓу бунт и востание – вели Фрчкоски.
Богојески во однос на она што се случи во Македонија 2001 година, на официјалната фан страна искоментира:
Се додека тоа прашање не го затвориме, нема да има вистински напредок! Нашата предлог формула е – граѓанска војна на идеолошки основи! Дел од граѓаните се бореа за национална држава, дел за бинационална држава, а оние за граѓанска ги игнорираа и не учествуваа во судирите! Ова е формула за упис во историјата, која ќе се доработи во добра лекција за идните генерации! – вели Богојески
Во однос на Охридскиот Рамковен договор Фрчковски вели дека тој не е мировен, ниту, пак, е меѓународен договор.
Охридскиот Рамковен договор е политички акт од внатрешен карактер со правни консидерации – одредби во деловите за кои сака прецизно да се дефинираат. Тој не е меѓународен договор и не е мировен договор. Меѓународен не е поради страните кои учествуваат во неговото сочинување и потпишување, и независно од силното гаранциско учество на посредници, тој во основа е внатрешен акт. Не е мировен, иако има одредби кои се однесуваат за прекин на воените дејства и регулирање на последиците од нив, бидејќи во Македонија немало ниту воена или вонредна состојба за време на конфликтот – вели Фрчкоски.
Од друга страна поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини гледа поинаку на целиот процес.
Не е точно дека Охридскиот рамковен договор ја отслика фактичката реалност – дека фундаментот на државата е граѓанскиот концепт на соживот меѓу македонскиот народ и другите етнички заедници, како што истакнува СДСМ по повод одбележувањето на 20 годишниот јубилеј од потпишувањето. Не е точно, исто така, дека нормативниот дел од Договорот е затворен, како што констатира Владата, ако се знае дека Законот за употреба на јазиците не е усогласен со Устсвот и дека во некои делови е неспроведлив. Познато е дека до 2004 година Договорот требаше да се спроведе, а сега од оние што тоа требаше да го направат, се слуша дека спроведувањето нема крај. – вели Хајредини.
За Богојески, Охридскиот договор не го положи тестот на времето. Наместо граѓанска, наметна бинационална држава! Тоа е разбирливо, зашто не учествуваа програѓанските елементи од популацијата. Не ги обезбеди правата на сите граѓани и не ги врати бегалците во своите домови! Воведе квоти кои уништија секаква помисла за индивидуален квалитет! Охридскиот договор треба да се надгради! Воведување на граѓанска држава и забрана за било какви квоти!
Фрчкоски смета дека Договорот има важни елементи кои решаваат одделни проблеми во државата.
Начинот на кој се реши инклузивно проблемот со употребата на албанскиот јазик во институциите; двојното, Бадинтерово гласање како некакво суспензивно вето за заштита на правата на заедниците кои не се во мнозинство; тој генерално елиминираше каков било вид територијално решение за етничките права – федерализација или кантонизација и начинот на кој се регрутираа припадници на заедниците во државната администрација; и конечно локалната самоуправа како хоризонтално демократизирање на системот кој се допираше и кон употребата на јазикот на заедниците и нивно регрутирање – вели Фрчкоски.
Според него, слабост во однос на симболизмот на овој договор е тоа што тој е партиски киднапиран од страна на ДУИ наместо тој да биде дел од постигањата на институциите на државата.
Хајредини исто има забелешки на односот на ДУИ кон Охридскиот договор. Тој реагира на тврдењето на самонаречениот прв вицепремиер Артан Груби дека „нашиот предизвик „По Охрид“, како што порача, е владеење на правото, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот, прифаќање на разновидност и вклученост, кредибилни демократски институции и квалитет на живот преку прифаќање на зелената агенда.“ Хајредини вели дека е обратно:
Заробена држава со хибриден режим и дефектна демократија, меѓу најкорумпираните држави во светот, со политички лидери кои ги крадат своите граѓани, каде не владее правото поради партизирано и корумпирано судство, каде со закон се забранува објавувањето на снимени разговори врзани и од кои произлегуваат иљади кривични дела на политички лидери и партиски и државни функционери, каде гласачи на партија на власт се купуваат со пари од државниот буџет, со зелена агенда и најзагадени градодови во светот, каде пред избори во јавна администрација се вработуваат службеници, каде познати светски криминалци добиваат патни исправи со лажен идентитет.
Tој го коментира смешното тврдење на Груби за улогата на Заев. „Да беше Зоран Заев во 2001 година немаше да се случи тоа што се случи, искоментирал лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на денешната конференција во Скопје по повод 20-годишнината од Рамковниот договор. Тоа им го пренесе на присутните организаторот на настанот – првиот вицепремер Артан Груби.“
Хајреди заклучува: „Чудно, како на Али не му текнува дека и тој да не беше, тоа што се случи немаше да се случи.“