Колумна Ајрулаи: Избори се ближат, лагите се нижат, а граѓаните мижат

Uncategorized, Колумни

Избори се ближат, лагите се нижат а граѓаните мижат

пишува Лулјета Ајрулаи, м-р по социолошки науки

Кога се ближи времето за избори тогаш се активираат политичарите да работат работи кои требало да ги сработат од почетокот кога го добиле мандатот и стапиле на функцијата. Но тогаш имале други поважни работи како што се на пример бизнис зделки во четири очи, милионски тендери, непотизам, па лично богатење, луксузни автомобили, станови, куќи, вили, земјиште и што уште не, затоа немале време да го сработат тоа за што биле избрани. Сега се ближат локалните избори и почнуваат да се нижат лагите на градоначалниците и политичките партии на кои припаѓаат.

Па почнуваат сега да копаат, да асфалтираат улички и да поставуваат улични сијалички, да средуваат паркови, да прават вециња по градинки и училишта. Но зошто работат само пред избори и кога тие ќе завршат повторно се враќаат на старо, кога работат само за личен интерес и богатење, и не исполнуваат ништо од тоа што ветиле?

Една од главните причините е поради тоа што знаат со каков народ и гласачи имаат работа, колку се лабилни, лесни, поткупливи, колку лесно можат да ги излажат и прелажат, колку се сервилни и поданици. Да, политичарите го познаваат својот народ и знаат дека во основа и тој е како нив, затоа што доколку не беше, немаше да гласа за нив и да ги донесе на власт.

Втората причина е што власта пред избори врши поткуп на гласачи, уцени, притисоци, закани, рекет и на крајот фалсификување на изборите. Поради овие две причини, на власт, било на централно, било на локално ниво, имаме неодговорни лица, корумпирани, криминалци, неписмени и сељаци. Затоа сме тука каде што сме односно на дното сме.

Видете Теута каква огромна депонија направи од Тетово, на овие високи температури одредени делови од Тетово немаат вода. Загаденоста е на највисоко ниво, градоначалничката Тути од сето тоа што го ветуваше пред четири години ништо не реализираше. И замислете таа повторно би се кандидирала и за трет мандат и тетовчаните повторно би ја гласале! Мерко корумпиран до гуша , кој сред пандемија без срам и перде се пофали на телевизија со новото ликсузно ауди што го купи. Сега пред избори почна да отстранува некои штички, постави чадорчиња и сијалички во Струга што ги набавил за екстра висока сума на пари, и стружани веднаш почнаа да го фалат и би го гласале.

Можам вака да набројувам за сите општини и нивните шерифи, освен за Гостивар. Гостиварчани докажаа дека се паметни луѓе. Тоа што градоначалникот на Гостивар Таравари го има сработено за овие четири години, и покрај сите опструкции и пречки што му ги правеше централната власт на ДУИ и СДСМ, сите други градоначалници немаат сработено, и оние со два мандати од осум години. Гостивар изгледа прекрасно.

Што направи Петре за Скопје? Само го тргна споменикот на ќосето, една галија од вардар, направи еден парк со пластика и гума и сега пред избори раскопал улици демек работи. За бетонираниот Чаир подобро и да не зборувам, таму градоначалниците од ДУИ жителите ги довеле до тоа дереџе, да кога има врнежи се излеваат фекалиите и им влегуваат во домовите. Барем малку да се освестеше овој народ, да покаже достоинство и да не дозволи да биде излажан по сто пати и понижен од своите политичари. Џабе ви е личниот интерес кога општиот се распаѓа.