
ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ: Александар Тасев „Следете го младиот човек, тој ќе Ви го покаже вистинскиот пат“
„Следете го младиот човек, тој ќе Ви го покаже вистинскиот пат“ – Александар Тасев, новиот лидер на Младински концепт.
Пред неколку денови, политичката платформа Македонски концепт објави дел од имињата од новиот раководен тим. Покрај другите, посебно внимание во јавноста привлече младиот Александар Тасев, студент на Економски факултет при УКИМ Скопје, амбициозен млад човек со предходно политичко искуство од младинското организирање.
Александар Тасев е новиот лидер на Младински концепт, младинската асоцијација при Македонски концепт. Таа младинска организација има за цел да прерасне во силно младинско движење, кое ќе влијае на политичката сцена во Македонија. Како што истакнува самиот Александар, “Следете го младиот човек, тој ќе Ви го покаже вистинскиот пат“!
Александар живее и работи во Скопје, но родум е од Струмица. Како сите млади и амбициозни луѓе кои сакаат повеќе од животот, градењето на пријателства со нови лица е негова омилена „дисциплина“. Изјавува дека на тој начин секогаш е во тек со различното мислење, кое особено го респектира.
„Секогаш сакам да сум соочен со различно мислење од моето. Така јас добивам на квалитет.“ изјавува Тасев.
Кога е на „терен“ во родната Струмица, најчесто можете да го сретнете на водопадите и на падините на прекрасната Беласица. Како омилени места ги издвојува Габровските, Смоларските и Колешниските водопади, меѓусебно оддалечени со неколку километри и лесно достапен пат, омилен за рекреирање.
„Омилен спорт ми е планинарењето, кој активно го започнав со искачување на планината Беласица. Од тогаш се зачленив во планинарскиот алпинистички ориентационен клуб Ентузијаст Струмица, каде и ги започнав моите поголеми предизвици во искачувањата и освојувања на планиските височини.“
Рекреативното трчање и планинарење не ги пропушта ниту во Скопје. Падините на Водно или кеј на Вардар се можностите кои редовно ги користи.
„Скопје е градот на можностите во Македонија. Се надевам ќе дојде ден, кога сите градови ќе имаат таква прилика, како денес Скопје!“
Како млад човек придава највисоко значење на самоиницијативноста, тајната за успехот. Да се има амбиција и иницијатива во животот, ги отвора сите можности. Претприемничкиот дух кај младите е единствена шанса за економски развој на Македонија. Александар не чекал на никого, својата едукација ја надополнил во Институтот за бизнис образование Концепт – Скопје, каде завршил Академија за човечки ресурси, со што се стекнал со високо признаен сертификат и звање „Специјалист за човечки ресурси“.
МКДенес: Што го мотивира еден млад човек да влезе во политика?
АТ: Младиот човек можат да го мотивираат повеќе работи, но пред се за влез во политика потребна е храброст и личен интегритет. Најмногу мотивира тоа што може да учествува во разрешување на проблематики во општеството, кои се битни за младите и пошироко за сите граѓани. Тука е и желбата да се придонесе кон подобрување на економската и политичката состојба, која е главна причина за иселување на младите. Главна тема за мене е како да ги зачуваме сите млади луѓе кои сеуште се во Македонија, секако и да најдеме решение за враќање на тие што заминале.
МКДенес: Дали мислите дека младите заминаа само поради економски причини?
АТ: Секако не! Младите заминаа од револт кон постојниот систем во земјата, кој е така направен да ни го руши достоинството. Тој систем кој ја испразни Македонија, треба од корен да се менува. Затоа секогаш истакнувам, следете го младиот човек, тој ќе ви го покаже вистинскиот пат.
МКДенес: Колку младите имаат причина да останат во Македонија?
АТ: Причините ги создаваме ние самите. Денешната генерација на млади луѓе има повеќе сила од било која предходна генерација и правиме повеќе позитивни работи во светот. За жал, искрата во мракот во Македонија во последно време е сѐ помалку видлива, но не смееме да го губиме оптимизмот. Клучниот проблем е што хронично сме соочени со недостиг од квалитетен кадар, кој што треба да биде носител на тие големи промени. Сегашната Влада не успеа да направи ништо позначајно во менување на овие загрижувачки состојби и да даде причина за останување.
МКДенес: Дали младите еден ден би се вратиле во земјава?
АТ: Според некои анкети кои беа направени во изминатиов период, од иселените млади лица почнаа да се враќаат, но тоа за жал е многу мал број, кој дури е засрамувачки за нашата држава, или можам да кажам еден на илјада иселени лица. Но секако мислам дека во иднина сите млади лица кои се иселени, доколку добијат шанса во нашето општество. Шанса за сите, за секој еден индивидуалец да работи на својот претприемачки дух. Ние граѓанска организација сме фокусирани на тоа прашање и таа понуда, на Проектот „Партнерство со младите“. Ќе направиме сите што ја сакаат нашата држава да се вратат тука. Затоа што младите се таа јака сила, што го движи светот напред со својата и те како голема амбиција.
МКДенес: Зошто избравте Македонски Концепт?
АТ: Македонски Концепт, пред се го избрав затоа што се пронајдов во мисијата, визијата и идеалот на самата организација и сметам дека јас како млада личност можам доста да допринесам. Исто така Македонски Концепт ме привлече, затоа што им пружат голема шанса на младите. Во нашата држава вакво нешто е премногу ретко. Овде имам прилика да се искажам како личност, како поединец, со што пред се знам дека ќе бидам прифатен.
МКДенес: Која е Вашата визија за Младински Концепт, како најнова младинска организација во земјава?
АТ: Мојата визија е Младински Концепт да допринесе за развивање на современо демократско општество, во кое младите ќе се носители на целиот тој прогрес, во насока на градење на силна и стабилна држава. Држава во која ќе живеат богати луѓе во фер општество, во кое ќе има шанса за секого и во кое ќе царуваат правото и слободата, без разлика на вера, нација и пол.
МКДенес: Актуелни се прашањата за интеграција во ЕУ. Дали ЕУ е единствена опција за Македонија?
АТ: Според мене, ЕУ е најдобрата шанса да ги разрешиме проблемите на домашната политичка сцена и економската состојба, кои се главен фактор за иселување на граѓаните од нашата држава. Колку побргу се решат овие проблеми, тоа ќе биде подобро за целокупното општество. Колку помалку проблеми дома, толку помалку ќе имаме потреба од ЕУ, односно да се иселуваме во ЕУ. Со решени домашни проблеми, можеме да размислуваме за Европската Унија како партнер, кој ќе ни донесе и ќе зачува стабилност на нашите темели.