БОГОЈЕСКИ: Забрана за БАЛИСТИ, тоа е фашистички термин

Изјави, Македонија

По повод донесениот Закон за забраната за употреба на имиња на личности, организации и настани поврзани со фашизам, нацизам и антисемитизам, лидерот на партијата Македонски Концепт, Петар Богојески бара доследно да се спроведува истиот.

„Промовирањето историски сеништа од минатото, особено ако станува збор за личности и организации, што се поврзани со фашистичката идеологија, кои промовираат и шират етнички или национал шовинизам, повикуваат на омраза и геноцид кон одредени етички или верски заедници во Македонија е спротивно на новиот закон и мора да бидат забранети.

Изградба на споменици на измеќари на фашизмот или националсоцијализам на Третиот рајх, како оние на Џемо и Мефаиљ, или користење на термини како „балисти“ се спротивни на слободарскиот, антифашистички и демократски карактер не само на македонската држава, туку и на ЕУ и САД и нашите европски аспирации!“ – истакнува Богојески.

Оваа пројава на краен албански етнички шовинизам ќе предизвика контраефекти и реакција кај македонскиот слободарски дух, македонската традиција и отпор кон ваквите антимакедонски активности. Сведоци сме на секојдневни дивеења, промовирањата и скандирања на организации како балистите кои будат соништа од минатото, а отворено се идентификуваат со нацизмот и повикуваа на хегемонија и насилства кон Македонците и христијаните во земјава.

Повиците за „обединување на нацијата“ од Ахмети или „обединување на територии“ од Касами се надоврзуваат на случаите со сѐ почестата употреба на терминот „балисти“, кој во последно време, за жал, сѐ повеќе се споменува и употребува, што е краен иредентизам, повикување на рушење на уставниот поредок на државата, која е членка на НАТО, што е казниво по закон. – гласи ставот на Богојески.

Молкот на македонските државни институции кои не презедоа сериозни дејства кон активностите на спомената навивачка група балисти, која со своите скандирања манифестира говор на омраза и предизвикува меѓунационална и верска омраза и меѓуетнички тензии, говори дека власта е дел од промоцијата на фашизмот во земјава.

Ставот на Богојески е еднаков на тој на експертите кои посочуваат дека врз основа на новиот закон за здруженија и фондации постојат основи за забрана на употреба на името „балисти“, вклучувајќи ја и споменатата навивачка групација, идентично како што има основи да се забрани употребата на именуваните бугарски клубови со имиња на ликови што практикувале фашистичка идеологија. Имено, според низа соговорници, употребата на терминот „балист“ во која било сфера од општествениот живот е нарушување на мирот и спокојството на граѓаните, како и соживотот помеѓу Македонците и Албанците, особено ако се земе предвид минатото на балистите и балистичкото движење во Македонија и пошироко.

Богојески смета дека тоа е смислена пропаганда во изминативе неколку години во албанската историографија, вклучувајќи и неколку албански историчари од Македонија, кои се обидуваат да ја релативизира идеолошката матрица на „Бали комбетар“ и нејзините фашистички формации познати како „балисти“, но и измислување на некакво си супер илирско потекло на денешните Албанци.

Како професот по историја и дипломиран правник, Богојески е согласен со други историчари кои врз основа на историските документи и проверените факти, нагласуваат дека станува збор за албанска екстремна националистичка и фашистичка организација што се стремела за создавање т.н. голема Албанија, во соработка со фашистичка Италија и структурите на Третиот рајх на Адолф Хитлер.

Во периодот од мај до јули 1941 година, по декретот на Мусолини од 17 мај 1941 година, во сите градови во овој дел на Македонија биле формирани разграноци на Фашистичката партија на Албанија. Секретари на градските организации биле следните лица: Дебар – Љутви Спахиу, Кичево – Зибер Лимани, Гостивар – Ибраим Адосани, Тетово – Шаип Камбери и Струга – Махмуд Таро, Есад Доко и Наим Амзи.

Мрежата на Фашистичката парија на Албанија многу брзо успеала да го наруши соживотот меѓу Македонците и Албанците на овие простори, а диктатурата што ја спроведувала врз населението била неиздржлива. Според инструкциите за контрола на окупираната територија, а врз база на фашистичката платформа од Тирана, биле формирани голем број фашистички организации, како „Беса“, „Фаша“, „Зото“ и „Таша“, а особено битно било формирањето на балистичката организација што се појавила кон крајот на 1942 година.

Тие фашистички организации кои денес се величат во Македонија, за време на фашистичката окупација во Втората светска војна, забранувале Македонците да имаат какво било влијание во локалната власт, воведувајќи го албанскиот јазик како официјален во училиштата, општините и јавното комуницирање, со забрана на македонскиот јазик.

Истото тоа денес се случува во Тетово, суспензија на македонскиот јазик и забрана за гимназија на македонски јазик во таа општина, смета Богојески.

Комплетната акција на големоалбанскиот комитет на балистите имала една цел, што побрзо иселување на Македонците од окупираната западна Македонија, а целата албанска фашистичка административна власт била вклучена во проектот за протерување на Македонците. Поради тоа, со извршениот попис во 1942 година, целокупното население што живеело на оваа територија, без оглед на својата национална припадност, било запишано како Албанци и добило албанско државјанство.

Сите имиња и презимиња на Македонците морале да добијат албански завршеток, целокупната администрација била водена на албански јазик, а строго биле забранети и сите јавни разговори на македонски јазик, дури и телефонските разговори морало да се вршат на албански, а сите мажи морале да носат кечиња на главата.

„Забраната за употреба на имиња на личности, организации и настани поврзани со фашизам, нацизам и антисемитизам треба доследно да се спроведува. Тоа не само што треба да важи за имињата на бугарските културни клубови во Македонија туку, принципиелно, забраната треба да ги опфати и сите називи и имиња на личности и настани што правеле злосторства на територијата на Македонија.

„Бали комбетар“ (Национален фронт) била албанска шовинистичка и профашистичка организација, а најважната парола со која добивале најмногу приврзаници била создавање голема Албанија. Во Македонија, покрај воените дејства, балистите извршиле многубројни палежи, грабежи, силувања и убиства. Овие акции ги изведувале сами или во координација со фашистичките и со националсоцијалистичките воени сили.