
КОЛУМНА: „И по режим, пак режим“ – Лулјета Ајрулаи
И по режим, пак режим
пишува Лулјета Ајрулаи, м-р по социолошки науки
Што се смени откако СДСМ дојде на власт? Односно што се подобри? Што направи СДСМ различно од тоа што го правеше ВМРО-ДПМНЕ додека беше на власт? Каде е животот за сите? Каде се украдените пари? А да, се смени нешто. Заев кој кога беше во опозиција се колнеше во се живо дека нема да го смени уставното име на државата, кога стана премиер, со неподнослива леснотија го промени името, и не само што го промени туку и се гордее со тоа.
И нормално тука се полтроните кои му аплаудираат. Ама не е ништо чудно за Заев да менува и што треба и што не треба. Ете човекот си ја сменил и верата. Му останала тезгаџиската логика од времето кога продавал лубеници во Србија. Тој толку е конфузен што не знае и која му била прва девојка. Но ете Зоки има среќа и стана премиер, ма Зоки е и феномен бидејќи е единствениот кој со продавање пиперки станал милионер! Зоки кога ќе вети нешто бидете сигурни дека ќе го исполни спротивното. Е сега Заев таков никаков каков што е сė уште има поддржувачи и замислете какви луѓе се тие и како функционира нивниот мозок.
Да се вратам на прашањето што се смени откако ВМРО-ДПМНЕ не е на власт? Имаме ли владеење на правото? Имаме ли независни медиуми? Имаме ли некорумпирани функционери? Имаме ли непартиски вработувања? Што имаме? Владата се фали дека биле покачени платите но во исто време треба да каже колку се покачени и цените на сите производи, па тогаш да видиме што фајде имаат граѓаните од покачувањето на платите. Да не заборавам, ќе им ги покачат платите на судиите за 15 % “како награда”, бидејќи во сите извештаи судството во нашата земја е оценето како катастрофално.
Исто беше и во владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, и тогаш и денес земјата е рангирана како хибриден режим. Значи не само што не се смени и не се подобри туку сега и се влоши состојбата во сите сфери. Криминалот и корупцијата царуваат. Има граѓани кои се родени, пораснале и остареле во Македонија и не можат да добијат државјанство. Од друга страна, државата издала 250 пасоши на светски криминалци!
Кога беше ВМРО-ДПМНЕ на власт издаваше лични карти на граѓани од Пустец за да гласаат на избори. Му дадоа државјанство на семејството на бизнисменот од Индија Субрата Рој кого потоа својата држава го затвори.
Што е различно сега? Се заврши ли изградбата на автопатот Кичево-Охрид? Автопатот сė уште се гради ама различни се провизијата и трошоците кои сега двојно се зголемија. ВМРО-ДПМНЕ крадеше ама и градеше. СДСМ само краде, а ништо не граде.
Има една разлика, кога беше ВМРО-ДПМНЕ на власт немаше пандемија од корона вирус, па владата изнајде ефикасен начин да пере пари преку проектот Скопје 2014, додека на актуелнава влада пандемијата и дојде како бинго за перење пари. До таа крајност оди расипништвото што не набавуваат вакцини, бидејќи не им одговара провизијата што сакаат да ја земаат. Како рече Ѓорге во една прилика за демократијата кај нас, “била како космодиск изгледа шашаво ама функционира”. Ете нашата земја со оваа влада изгледа ем шашаво, ем глупаво, ама уште функционира на власт и мува не ја лази . Преминавме од режим во режим, само Груевски недостасува.