Понеделнички со Бале до голтарско финале!

СО Бале ДО Финале

Понеделнички со Бале до финале!

Пишува магистер Бале за „Од морални голтари – уште поголтари“!

1. Штотуку поставениот министер за правда, „еминентниот професор по казнено право“ од скопскиот правен факултет „Јустинијан 1“, Никола Тупанчевски, ја заврши својата политичка кариера. Само што (не)почната. Без разлика, дали ќе биде приморан да си поднесе оставка, или ќе биде разрешен, најстрашно, ако пројде со упатениот „укор“, овој човек не само што не може да ги подобри катастрофалните состојби во правосудството (со доверба од само 8% кај граѓаните), туку секоја прва асоцијација за него ќе биде, неговото ГАГАЏИСТВО, за бесплатен превоз, сместување и карти за историскиот бараж во Палермо, помеѓу Италија и Македонија, во кој славодобитно победивме.

Од тука па натаму, може слободно да биде впишан во рубриката: „ме изеде туѓиот срам“, бидејќи очигледно дотичниот нема срам.

2. Убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот е уште еден пример за во истоимената рубрика „ме изеде туѓиот срам“. Не знам дали нашите „професионални“ институции КАРИЛ, МВР, судска медицина, обвинителство, свесно и намерно се обидоа да прикријат убиство, но различните искази, изјави, тврдења, создадоа море од шпекулации, дека некој некого, намерно крие.

Се додека хрватските медиуми не го издигнаа на пиедестал овој грозоморен и трагичен случај, па „нашите“, мораше да ја соопштат вистината. А таа е повеќе од трагична. Убаво една сограѓанка на ФБ констатираше: секоја „среќа“ што станува збор за странски (хрватски) државјанин, бидејќи ако стануваше за наш, ќе го затвореа случајот „без насилни повреди“, и ќе ја убедуваа јавноста дека починал од срцев удар.

3. Ова грозоморно убиство, по стоти пат го отвора прашањето: каква младина живее помеѓу нас? Знаат ли родителите какви деца, насилници имаат? И дали имаат одговороност за тоа нивно воспитување?! Дали секое недоразбирање ќе се решава со тепачки, насилство, кое може да доведува до најтрагичниот исход: смрт на млади лица? Нека се и стари, сеедно. Од каде е акумулиран тој гнев, тој порив за покажување сила, демонстрација на „види ме кој сум“.

Уште потрагично што учествувала и млада девојка во сето ова. Нормално, ни за младите момчиња нема оправдување. Дали ќе извлечеме поука од сето ова, или и понатаму ќе ни се случуваат вакви грозоморни настани, не знам. Едно знам. Се е одлика на пропаднатото и урушено општество. Со се неговите карикатурални институции.

4. Кирил Петков, новоизбраниот премиер на соседна Бугарија, истакнал дека нема да има решение со Македонија, без целосна согласност со владините партнери, дури и со преостанатите политички чинители. Значи, ако му се верува, до решение и нема да се дојде. Бидејќи, ако Алексис Ципрас, чекаше на владиниот коалициски партнер (Независни Грци на Панос Каменас или на тогаш опозициската Неа Демократиа), ние и во наредните 300 години, ќе бевме на истите позиции со Грците.

Затоа собра храброст, да го пресече „Гордиевиот јазол“ и да се запише во историјата како политичар кој се издигнал над балканските национализми. Од Кирчо Канадеца очекувавме исто. Веројатно џабе ќе бидат тие големи вложени надежи и очекувања.

5. Како ќе доаѓа јунскиот самит на ЕУ, на кој ќе постои мал прозорец на можности за тргнување на бугарската блокада, ќе гледате и тука и таму координирани „настапи“ на стаорци излезени од темнините на подземните канализации кои ќе направат се, тоа да го спречат, и понатаму Македонија да биде блокирана кон своето полноправно членство во ЕУ.

Ќе се изнагледате „патриоти“ Халкидики политичари, самопрогласени аналитичари, платени динар/рубља патриоти, квазиновинари и секаква друга гамад, која нарачано работи на копче од Белград и од Москва. И дојден е ножот до коска. Да.

Мораме да се поделиме како со нож: едни кои ќе прават се, Македонија да ја станат и извлечат од српско-рускиот гроб, во кои погоренаведените ја напикаа и ја држат со сила овие три децении, и другите кои и понатаму ќе прават се, Македонија да остане во тој гроб. Бидејќи така ним им одговара.

Да стануваат и понатаму од голтари-милионери, согласно политичкиот новоговор на лидерот на опозицијата.