Еве кој остана ЛОЈАЛЕН НА ГРУЕВСКИ и одби да сведочи!

Македонија

Со одбрана на обвинетите продолжи судењето за случајот Плацеви на Водно. Иако одбрана прв требаше да даде екс шефот на УБК Сашо Мијалков, тоа не се случи. Обвинителството претходно достави нови докази, па Мијалков сакаше и тие да ги разгледа пред да ја даде својата одбрана и по кратка расправија со судијата Илија Трпков побара тоа да го стори в понеделник.

„Јас сакам да дадам одбрана согласно законот. Кога 10 месеци доаѓам овде ни крив ни должен можете и вие да почекате до понеделник да ја дадам одбраната откако ќе ги разгледаме новите докази. Од немајкаде го научив ЗКП.“

Одбрана даде и бизнисменот Орце Камчев. Тој откри дека Груевски ги заменил плацевите на Водно со три стана на атрактивна локација, исто така, на Водно.

„Груевски се откажа комплетно од сите плацеви, побара адекватни станови. Бидејќи требаше да се затвори целата трансакција, сите плаќања од Орка кон Сирах лимитед и така натаму, се направени комплетно така како што обвинителството ги има напишано. По барање на Груевски, плацевите се компензираа со станови на атрактивна локација од 750 метри квадратни.“

Ристо Новачевски, кумот на поранешниот премиер Никола Груевски кој е првообвинет и му се суди во отсуство, во своја одбрана откри дека Груевски сакал да купи плац на Водно, откако претходно му понудил да биде управител на нова фирма – Сирах Инжинеринг.

„Груевски ме информира дека треба да се купи земјиштето на Водно и дека целата работа ќе ја збрка Алек Теранова, со луѓето кои го продаваат, а јас само да го потпишам договорот. Ниту сум преговарал за цена, ниту сум ги знаел луѓето.“

Новачевски потоа раскажа дека по извесно време побарал од Груевски да биде сменет. По него одбрана даде обвинетиот Ненад Јосифовиќ, прв сопственик на фирмата Сирах Лимитед, преку која е основана Сирах Инжинеринг. На барање на Алек Теранова, му ја отстапил, а подоцна како што рече разбрал дека Груевски сакал да ја користи во областа на градежништвото.