ПРОФЕСОРИ ОД УГД ШТИП СО ГЛОБИ ОД ПО 1.000 ЕВРА ЗА ИЗБОРОТ НА ВОНРЕДНА ПРОФЕСОРКА ПО ИМУНОЛОГИЈА

Дали Знаете, Македонија

Министерството за образование и наука ги повика тројцата професори од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, членови на рецензентската комисија што ја предложила Сотирија Дувлис за вонредна професорка по имунологија, на постапка за порамнување на изречените глоби од по 1.000 евра.

Државниот просветен инспекторат утврдил неправилности во постапката за избор, меѓу кои и несоодветен состав на рецензентската комисија, во која имало само еден имунолог, наместо законски предвидените двајца. Со глоба од 2.000 евра е казнето и правното лице, односно Универзитетот.

На порамнување е повикан и ректорот на УГД, Дејан Мираковски. И покрај утврдените неправилности, изборот на Дувлис сè уште не е поништен, а таа продолжува да предава имунологија.

Од Државниот просветен инспекторат најавуваат дека ќе го оспорат изборот пред суд поради утврдените повреди на Законот за високото образование.

Случајот дополнително го отвора прашањето за претходните избори на Дувлис во звањата насловен доцент и доцент, за кои, според достапните информации, инспекторатот не спровел надзор. Професорот Тодор Арсов, кој ја пријавил постапката и подоцна го повлекол својот потпис од рецензентската комисија, е меѓу тројцата професори на кои им се изречени глоби.

Од Инспекторатот, пак, соопштуваат дека ги разгледале и ги одбиле забелешките на Универзитетот и остануваат при констатациите од записникот.

Професорката Дувлис изјавила дека не ја формирала комисијата, ниту имала овластување да влијае врз нејзината работа, додавајќи дека, според нејзините сознанија, во текот на постапките не бил поднесен приговор со кој се оспорувала законитоста на нејзините избори.