Мицкоски и Анѓушев делеле колач од 80 милиони евра?

Македонија

Сопствениците на мали хидроцентрали имаат одлична заработка. И покрај жестоките реакции на граѓаните и еколошките здруженија, тие функционираат со полна пареа. Сега имаме одговор и зошто. Тоа е профит од околу 80 милиони евра, кој се распределува помеѓу неколкуте сопственици на такви хидроцентрали. Најпознати за јавноста се двајцата сопственици од светот на политиката. Дополнително, колеги од УКИМ во Скопје, каде едниот бил асистент на другиот. Тоа се господинот Кочо Анѓушев и господинот Христијан Мицкоски.

Подолго време јавноста и Државната комисија за антикорупција се занимава и со двајцата. Особено со бизнисот со мали хидроцентрали. Лидерот Мицкоски се обиде да се повлече од тој бизнис, поради реакциите на граѓаните. Додека пак вицепремиерот Анѓушев информираше дека истите ги продал на грчка компанија. Сепак профитот кој го споделувале низ годините бил огромен.

Имаме одговори од АД „МЕПСО“, за периодот од јануари 2010 до октомври 2019 година. И тоа за гарантиран откуп на електрична енергија по повластени тарифи на десет компании. Сопственици на мали хидроелектрани им биле исплатени 62,5 милиони евра. Станува збор за пари платени од сметките за струја на граѓаните.

Ова практично значи дека на годишно ниво тие имале приходи по 6,2 милиони евра. Месечно по половина милион евра, па дури и повеќе, со оглед на тоа што дел од фирмите се формирани неколку години по 2010 година, односно во 2012. Во тој период е создадена и фирмата на господинот Мицкоски.

Според податоците од АД „МЕПСО“, речиси една третина од вкупната сума од 62,5 милиони евра се влеале во фирми поврзани со поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев. Тоа се однесува на неговата „Феро Инвест“. На листата од десет компании кои оствариле најголеми приходи од гарантиран откуп на струја, четири се поврзани со Анѓушев. Во три како сопственик се јавува „Феро Инвест“. Директор на оваа компанија е Анѓушев, кој воедно е и сопственик, заедно со неговиот брат Тодор Анѓушев и Никола Гравчев. Во четирите фирми, „Мали хидроелектрани“, „Горно Белички извори“, „Јабланица“ и „Студенчица“, приходите изнесувале 22,3 милиони евра. Во периодот од 2010 до 2019 година, покажуваат податоците на АД „МЕПСО“.

Дел од останатите мали хидроелектрани имаат сопственици од странство. И тоа компании, од кои една нема ниту еден вработен. Директорите се од земјава, додека во една мала хидроелектрана како сопственик се јавува јавно претпријатие.

Хидроенергијата добиена од малите хидроелектрани произведува скромно количество електрична енергија. Но сумите што легнуваат на фирмите што ја произведуваат очигледно се прилично високи. Штетите по животната средина се огромни.

Ако се сумираат сите податоци, произлегува дека од 2010 година, до годинава до март, приходите на фирмите – малите хидроцентрали кои користат повластени тарифи изнесуваат речиси 80 милиони евра.

Производителите на струја од обновливи извори на енергија коишто користат повластени тарифи (ветерните електрани, фотонапонските системи – сончеви електрани, мали хидроелектрани и биогасни електрани) учествуваат со само 6,17 проценти во вкупното производство на струја во земјава. Само 3,82 проценти се од малите хидроелектрани, покажуваат податоците од Регулаторната комисија за енергетика. Токму од тие причини реагираат и еколошките здруженија. Дека со нивната изградба се прават значителни штети врз животната средина во еколошки сензитивни подрачја. Сепак се произведува мало количество електрична енергија.

Останува неодговорено прашањето од јавноста до господинот Мицкоски. Не за колку пари ја отуѓил компанијата. Туку колку пари заработил од бизнисот, споделен со господинот Анѓушев? Колкави штети нанел на животната средина? Овие одговори се морални, со оглед дека станува збор за политички лидер.