КОЛКУ треба да платиш за да вечераш со Трамп

Забава

Секој поддржувач на поранешниот американски претседател Доналд Трамп може да закаже вечера со него за суми кои можат да достигнат и до 250.000 долари, а собраните пари треба да се вложат во неговата кандидатура за претседателските избори, пишува Гардијан.

Кампањата за собирање средства, наречена „Форум на кандидати за враќање на Конгресот“, е закажана за 23 февруари во имотот на Трамп Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида, пишува британскиот весник.

Организацијата која собира пари за неговата кандидатура испратила покани до сите потенцијално заинтересирани. Нема информација дали се поканети некои жестоки поддржувачи на Трапм од Македонија, а за кои се знае дека се милионери, на пример поранешниот премиер Грувески и лепо друштво.

Иако на настанот ќе присуствуваат републикански кандидати за Конгресот, собраните пари ќе бидат искористени исклучиво за организацијата на Трамп, пишува Гардијан.

За 250.000 долари (125.000 по лице) паровите можат да закажат приватна вечера со Трамп, да се фотографираат со него и да имаат можност да останат две ноќевања во Мар-а-Лаго.

Ова е прекрасна можност секој од Македонија барем два дена да се почувствува како Меланија Трамп или да добие азил за Мексико, а парите украдени од Македонија да ги донира за кампањата за американски претседател. На тој начин индирекно македонскиот народ ќе ја плати американската кампања.

За 100.000 долари по пар добиваат фотографирање со Трамп, но ќе вечераат со кандидатите за Конгресот, а не со поранешниот претседател. Значи подобро да „плукнете“ уште по едно 25тче, од колку да вечерате со некој таму небитен конгресмен. Останува прашањето дали на вечерата ќе се појави Меланија? Ако доаѓа и таа, вреди да се плати!

За 50.000 долари гостите ќе добијат вечера, но нема да има слики со Трамп туку само со кандидатите, а најниската цена е 5.000 долари, за што ќе добијат само присуство на вечерата, но не баш најдобрите маси.

За 1000 долари ќе ги добиете од „трите подолгото“, но ќе се пофалите дека сте биле на Флорида.