МАКЕДОНИЈА официјално и кажа на Русија став за Украина

Македонија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи одржа средба со амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Сергеј Баздникин.

Како што информираат од македонското Министерство за надворешни работи, на средбата стaнало збор за случувањата во и околу Украина. Министерот Османи повикал на деескалација на состојбите и изнаоѓање решение преку дијалог и дипломатски начин на комуникација, и го повторил ставот дека Македонија го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во меѓународно признатите граници.

Воедно, Министерот Османи нагласил дека нашето членство во НАТО претставува значајно надворешно – политичко достигнување на земјава, што е израз на наша суверена одлука донесена едногласно во Собранието во 1993 година. Членството на Македонија во НАТО Алијансата претставува гаранција за нашата безбедност, а воедно придонесува и за пошироката регионална безбедност и сигурност. Министерот Османи дополнил дека НАТО е алијанса за колективна одбрана на земјите членки и не претставува закана за Руската Федерација или било која друга земја во светот.

Министерот Османи го реафирмирал повикот до Руската Федерација за отворен дијалог во рамки на Советот НАТО-Русија и во ОБСЕ со цел за унапредување на европската безбедност, што е од заеднички интерес за сите.

На средбата меѓу министерот Османи и амбасадорот Баздникин било дискутирано и за улогата на Македонија како дел од ОБСЕ Тројката и идното претседавање со ОБСЕ во 2023 година.