ГРЦИЈА и Бугарија се потепаа за македонското небо

Балкан

Нашите соседи како да се натпреваруваат кој да го надлетува и контролира македонското небо со своите борбени авиони. Деновиве Бугарија го обнови својот предлог за заштита на воздушниот простор над Македонија, иако од 2019 година досега оваа улога за патролирање и контрола на нашиот воздушен простор ја спроведува Грција.

Минатата недела министерката за надворешни работи на источниот сосед Теодора Генчовска го повтори долгогодишниот став на Софија дека Бугарија е подготвена операцијата „Ер полисинг“ во рамките на НАТО да ја врши над Македонија. Веста доаѓа во време на тензии поради трупањето на НАТО и руски војници во близината на границата со Украина и во период кога Алијансата на бугарска територија испраќа модерни борбени авиони да ѝ помогнат на Софија поуспешно да го контролира своето небо, поради застареност на бугарските борбени авиони.

Воената команда на НАТО неодамна соопшти дека наскоро во Бугарија ќе пристигнат борбени авиони од Шпанија, Холандија и од Британија, како поддршка на мисијата за надгледување и контрола на воздушниот простор на Алијансата над регионот на Црно Море.

Но тоа не ја спечува Бугарија да се „петели“ на туѓо буниште и да посака она кое го извршува Грција во рамки на НАТО. Со цел да докажат која од двете земји се поспособни да го чуваат македонското небо, Бугарија и Грција нарачаа нови воени авиони.

Бугарија ги нарача и потпиша договор за набавка на американските Ф16 ловци, додека пак Грција нарача и потпиша договор за француските ловци Рафал.

Двете земји знаат дека ова е само обврска и трошок за нив, но важно е пред домашната јавност да се покажат како многу моќни и доминантни врз Македонија и во НАТО, со оглед на отворената територијална претензија кон нашата земја, како и болните искуства од историјата и минатото.

Треба да се знае дека заштитата на небото на земјите што членуваат во НАТО од други држави е вообичаена пракса и непобитен факт и истовремено тоа не значи и губење на суверенитетот, но никоја од сојузничките една кон друга не води компликуван уценувачки процес, како што Бугарија води кон Македонија, а до пред некоја година тоа го правеше и Грција во однос на Македонија.