КОНЕЧНО: План за развојот на државата ќе има во март

Македонија

По 19 години државата ja спроведе најсложената статистичка операција – Попис на населението, домаќинства и становите. Сериозноста и големината на операцијата само ја покажува тоа што ова е прв попис по многу параметри – прв по речиси две декади, првпат во пандемија, првпат со комбиниран метод, прв на кој се попишува дијаспората и најважно од се, наспроти сите предизвици успешно завршен.

Податоците од пописот, кои треба да се објават до крајот на март годинава, ќе бидат основата врз која ќе се носат сите политики во следните десетина години – од инфраструктурни инвестиции, здравствени и образовни политики, до одлуки за странски и домашни бизнис инвестиции.

Пописот 2021 се спроведе под строги здравствени протоколи и во услови на КОВИД-пандемија, соглано нова методологија на ЕВРОСТАТ и првпат со комбиниран модел – освен прибирање податоци директно од населението на терен, се користеа и податоци од т.н. претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваа сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.

Пописот ќе обезбеди податоци за три категории на население и тоа: вкупно резидентно население, вкупно нерезидентно население и вкупно попишано население – категорија која ги опфаќа претходните две категории население.

Според утврдената методологија за пописот се користеа претпописни бази на податоци, и тоа од МВР – базата на државјани, од МИОА – регистарот на население, од МОН – за запишаните ученици, од МТСП – за лицата корисници на права на социјални примања, од Агенцијата за вработување – за економската активност на лицата, од УЈП – за лицата кои имаат примања и за кои се исплаќа персонален данок на доход, од ПИОМ – за примателите на пензија по сите основи, од Управата за водење на матични книги – за родените, умрените и венчаните лица, од Агенцијата за катастар на недвижности – за недвижностите и нивните движења, како и од Државниот завод за статистика – податоци од статистичките истражувања за виталните настани и од Статистичкиот деловен регистар.

За тоа дали е можен попис целосно базиран на регистри, Симовски во изјава за МИА, вели дека постојат предуслови кои мора да бидат задоволени за да може да се спроведе таков Попис, а најважен предуслов е државата да има добар Адресен регистар.

– Агенцијата за катастар има изготвено адресни податоци за секој објект наменет за живеење, но, за жал, само на хартија и е потребно сето тоа да се имплементира на терен, што е прилично сложена и скапа операција која бара и многу време. Дури и кога оваа имплементација ќе се заврши, потребно е нашите граѓани да извршат ажурирање на сите свои документи согласно со новите адресни податоци. Понатаму, клучно е  да постои добра база на информации за миграциските движења, како во рамките на земјата, така и на меѓународните миграции, псосчува Симовски.

Децении наназад, според него, миграциите на населението се клучен проблем во нашата земја.

– Одењето на гурбет во други, економски подобростоечки земји, е карактеристика на овој регион уште од крајот на 18-тиот век. За жал, и денес, кога движењето на луѓето е многукратко олеснато, иселувањето на нашите граѓани не само што не запира, туку добива во интензитет. Се иселуваат главно млади луѓе, кои треба да го носат како економскиот, така и демографскиот развој на земјата. За жал, евиденцијата на овие иселувања речиси целосно изостанува, а е еден од клучните елементи за дефинирањето на населението во земјата.

Проблем е и што нашите граѓани кои го менуваат своето место на живеење во рамките на државата, и покрај законската обврска, или воопшто не ги менуваат своите лични документи согласно со новите адреси, или тоа го прават со големо задоцнување (кога треба да остварат некакво право). Клучно за Пописот е да обезбеди податоци за територијалниот распоред на населението, нагласува Симовски.