ВИДЕО – Коњановски: Инвестиции во спортот – нови игралишта и затворен базен во „Даме Груев“
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, истакна дека општината заедно со Владата на Македонија сериозно вложува во развојот на спортската инфраструктура, со посебен акцент на училишниот спорт и условите за младите.
Тој денеска се осврна на два значајни проекти што се реализираат во дворот на ОУ „Даме Груев“ – изградбата на затворен базен и нови повеќенаменски спортски игралишта, кои ќе претставуваат современ спортски комплекс за учениците.
Коњановски посочи дека проектот за затворениот базен е доведен во напредна фаза во соработка со Министерството за спорт, иако претходно бил стопиран.
– Како одговорна локална самоуправа, активно ја следиме состојбата и сите потребни инвестиции ќе бидат реализирани за објектот да ги исполнува сите стандарди и да обезбеди квалитетни услови за користење – истакна Коњановски.
Тој додаде дека изведувачот на градежните работи постапува по забелешките на надзорот, додека партерното уредување околу базенот ќе се реализира по завршувањето на спортските игралишта, поради пристапот на механизацијата.
Општината, како што нагласи, веќе ги има завршено своите обврски во делот на водоводниот, канализациониот и електричниот приклучок.
Повеќенаменските игралишта, со вкупна површина од 1.311 квадратни метри, ќе бидат наменети за ракомет, кошарка и одбојка, а проектот е финансиран преку вториот владин повик, преку Министерството за образование и наука.
Коњановски порача дека ваквите инвестиции се клучни за унапредување на спортот меѓу младите и создавање подобри услови за училишни и воннаставни активности.
