ТАЧЕ новата влада ќе ја објави на 09 јануари, ова се министрите (видео)

Политика

Мандатарот Димитар Ковачевски брои ситно до објавувањето на составот на новата Влада, што ќе се случи на 09. јануари, во која ќе има многу нови имиња, пред се од редовите на СДСМ. Коалициските партии кројат планови која и како што повеќе да искористи од новонастанатата ситуација, откако Зоран Заев поднесе оставка и од премиерската и од функцијата претседател на СДСМ.

Кога може за Алтернатива да се отвори ново заменичко место на премиерот тогаш зошто ДОМ да не добие ново министерство за клима и енергија? Претседателката на партијата, Маја Морачанин ја потврди информацијата на ТВ 24 дека ќе бара формирање на ова министерство кое ќе биде надлежно за борба против штетните климатски промени. Освен ова ДОМ ќе бара и забрана за изградба на малите хидроцентрали, олеснување на процедурите за употреба на фотоволтаици од страна на граѓаните како и уверување дека пратениците ќе ги изгласаат сите закони од областа на екологијата кои стојат загалвени во Собранието.

Иако не потврдуваат официјално, сепак партиски извори информираат дека помалите партии, коалициски партнери на СДСМ, од мандатарот бараат прифаќање на идејата Македонија да биде една изборна единица, либерализација на криптовалутите но и изградба на ски-центри, хидроцентрали од проектот „Вардарска долина“, како и изградба на реализација на геотермални централи.

Околу персоналните решенија повеќе од јасно е дека заменичката на Ковачевски, Сања Лукаревска ќе биде вицепремиерка за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи останува вицепремиер за економија, Бојан Маришиќ ќе биде видепремиер за евроинтеграции, Миле Зечевиќ министер за внатрешни работи, Љупчо Николовски министер за одбрана, Трајан Димковски министер за земјоделие, Живковиќ нов министер за труд и социјала, мртва трка помеѓу Бочварски и Шилегов за министер за транспорт, доколку вториот не го притворат овие денови, а Радмила Шеќеринска нов министер за сплетки и местење на сопартијци. Во фотељата во министерството за правда треба да седне пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска.

Кога се во прашање имињата на новите владини функционери, Ковачевски има полни раце работа како да ги задоволи сите апетити. НСДП сака пратеничката Соња Мираковска да биде новата министерка за труд и социјала ама не дава нејзиното пратеничко место да го земе некој од СДСМ. Истото важи и за потпретседателката на СДСМ и пратеничка Бисера Костадиновска. Дали ќе стане министерка ќе зависи од тоа  дали следниот на листата за пратеници е од СДСМ или од друга партија.

И на ДУИ и на Алтернатива им оди тешко со свои кандидатки за министерки или заменички. Па така, распределбата на ресорите во новата влада најверојатно ќе остане иста, освен министерството за образование кое го добива ДУИ, како и ресорот информатичко општество кое ќе го раководи Алтернатива, и земјоделство кое оди кај СДСМ.

Нови министри треба да има и во култура и одбрана и најверојатно транспорт и врски. Според информациите, Ковачевски до утре ќе ги заврши средбите со коалициските партнери, по што дефинитивно ќе се знае дали, на кој начин и со колку и кои кадри ќе учествува во новата Влада. Ова дотолку повеќе што Ковачевски сите желби на помалите партии ќе треба да ги усогласи и на средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.