
НОВ ПРИТВОР за Мијалков
За неполни 12 часа, поранешниот шеф на УБК беше ослободен од притвор од Апелацискиот суд, а потоа доби нов притвор од Основниот кривичен суд по барање на обвинителството, но за друг предмет.
Поранешниот шеф на тајната служба Сашо Мијалков ќе остане во притвор уште најмалку 30 дена откако вечерва Основниот кривичен суд по итна постапка го прифати предлогот на обвинителството. Апелацискиот суд претходно му дозволи на Мијалков да излезе од притвор прифаќајќи ја неговата гаранција.
Обвинителството попладнево поднело барање за одредување мерка притвор од 30 дена за Мијалков кој е обвинет во предметот „плацеви на водно“ Основниот кривичен суд – Скопје потоа експресно го прифати предлогот на Јавното обвинителство.
„Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, за определување мерка притвор против Сашо Мијалков обвинет во предметот познат како „Плацови на Водно“, а имајќи ја предвид итноста на постапката, Кривичниот совет, по добивање на предметот, одржа седница на советот и донесе решение со кое го прифати предлогот на јавниот обвинител и на обвинетиот му определи мерка притвор во траење од 30 дена“, се вели во соопштението од Основниот кривичен суд. Советот оценил дека постои опасност од бегство на обвинетиот.