МАКЕДОНСКО ДОБРО УТРО од Аматерката

Добро утро

ПОСТОЕЊЕ, ПРИПАЃАЊЕ, ВЕРУВАЊЕ и ЉУБЕЗНОСТ

пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкyлтeт

Кои се македонците што се  гледаат во метафорското огледало на животот? Дали тоа им се допаѓа? Дали се ценат  и  почитувате? Луѓето отсекогаш се интересирале за автентичните лични квалитети. Како идивидуи, сите ние водиме комплицирани животи и различно реагираме на секојдневните политички ситуации, кои пак имаат големо влијание врз севкупното живеење. Постојат моменти кога се потценуваме, не потценуваат, манипулираат , но секогаш постои желба и  сакаме да ни биде удобно во сопствената кожа и да се чувствуваме добро за тоа што сме.

Во различните истражувања спроведени врз илјадници субјекти се покажало дека повеќето индивидуи имаат слични погледи за тоа што предизвикува да ја ценат сопствената вредност. Заклучокот бил јасен. Материјалното богатство, скапите предмети и статусот не се оние работи кои ја одредуваат вредноста на една личност, туку таа зависи од нашата способност да се постигне состојбата од четирите главни карактеристики на себевреднувањето: ПОСТОЕЊЕТО, ПРИПАЃАЊЕТО, ВЕРУВАЊЕТО и ЉУБЕЗНОСТА.

Народите кои имаат смисла за ПОСТОЕЊЕТО, имаат смисла и за внатрешниот мир и прифаќањето себеси. Имаат реалистична слика за себе и свесни се за своите маани и недостатоци. Се ценат и почитуваат себеси и покрај нивните грешки, несовршености и “лузни“.  Народите со оваа карактеристика имаат свои избраници – владетели со  идентични карактеристики. Така и македонскиот народ има избраници-владетели налик на себе.

Народите кои имаат чувство на ПРИПАЃАЊЕ  се чувствуваат ценето, но и го враќаат тоа чувство.  Членовите чувствуваат органска припадност и удобност со другите луѓе со кои ги делат своите мислења, ставови, традиции и нудат поддршка, почит и пријателство. Овие врски ја спречуваат анксиозноста која доаѓа од осаменоста и придонесуваат за физичкото и емоционалното здравје и квалитетот на животот, воопшто. За жал, неможе да се заклучи дека македонскиот народ има чувство на припаѓање.

Смислата за ВЕРУВАЊЕТО се однесува на водечките вредности и етиката на однесувањето. Милиони луѓе веруваат во својот Бог кој им дава надеж и поттик за да продолжат понатаму и им обезбедува морални правила за нивното однесување. Но, еден човек не мора да верува во некоја виша сила за да биде морален и етичен. Религиозните следбеници не се попринципиелни или поемпатични од агностичарите и атеистите. Она што е навистина важно е тоа што треба да веруваме во еден систем на морални принципи и цивилизиран однос. Кога се водиме по принципи засновани на религија, хуманизам или некоја друга човечка, социолошка филозофија, нашите животи стануваат позначајни во моментите на радост или тага. Кога секојдневно се прашуваме за проблемите кои се поголеми од секојдневниот материјализам и сме воодушевени од тоа колку сме минијатурни во споредба со милионите универзуми, тогаш бегаме од баналното секојдневие и се транспортираме во духовното царство на разбирањето.

Чувството на ДОБРОДУШНОСТ е свесноста за тоа колку добри и дарежливи сме биле или можеме да бидеме во нашиот живот и за позитивните ефекти кои ги имаме врз другите. Добродушноста и добротата се кулминација на претходните три карактеристики на човечката вредност. Нашите лични наследства се најдобро претставени од нашите дела на пристојност, грижа и добрина кон другите. Кога нема да ја сметаме нашата историја на агресивност и насилство, тогаш можеме слободно да кажеме дека ние луѓето сме генетски предиспонирани да им помагаме на оние на кои им е потребна помош. Можеме да научиме да се однесуваме толерантно и дарежливо и да ги прифатиме другите. Добрината која ја даруваме на другите во текот на нашиот живот е есенцијалната компонента на добродушноста и врвот на нашата сопствена вредност.

Една од многуте значајни  поуки на  СВ.КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ вели:

„Браќа, да се отрезниме и да не се именуваме христијани само по име, туку да се потрудиме со добри дела и со кроткост и пост да стекнеме смирение и љубов кон сите, зашто тие ги очистуваат душата и телото и нѐ прават рамни на ангелите, и нѐ водат на небото. И милостина давајте непрестајно, зашто таа ги мие сите прегрешенија од нас, и ги отвора небесните врати.“

Нека ни е честит и вековид денешниот ден мој народе македонски!