БОГОЈЕСКИ: Преспански може да се употреби наспроти Бугарија
Со завршување на Локалните избори 2021 година, на големо се отвори темата Преспански договор и негово имплементирање. Тоа пред се од причина што опозицијата ја презема локалната власт во најголем број општини, а со тоа и дилемата за употреба на „северна“ во единиците на локална самоуправа.
ВМРО ДПМНЕ веќе изкажа јасен став за користење на „северна“ согласно Уставот, бидејќи Преспанскиот договор е реалност. По тоа започнаа меѓусебните навреди помеѓу „северџаните“ со искуство од СДСМ и новопечените северџани од ВМРО ДПМНЕ. Единствено различен став и однос кон тоа прашање има Македонски Концепт и образложението на неговиот промотор Богојески кое беше публикувано скоро пред две години.
За таа цел истото го реобјавуваме со намера на смирување на реакциите на јавноста по повод прифаќање на ВМРО ДПМНЕ на новата реалност наречена Северна Македонија. Дел од текстот е пренесен во целост:
„Секако дека ќе дојде ден кога ВМРО ДПМНЕ недвосмислено ќе ја прифати реалноста од постоење на Преспанскиот договор, од кој нема враќање назад. Може да одиме само во правец на негова надоградба во соработка со грчките партнери. Таа опција останува отворена врз самиот факт што Преспа ја санкционира реалноста на постоењето на т.н. „славо – македонизам“, што за прв пат меѓународно признавање на истиот. Сепак, има уште многу што да се сработи во врска со историското и култирно наследство на македонизмот, кој го споделуваме со Грците. Особено кога говорам за ова, мислам на оној автентичен македонизам, не само од хеленската, туку и од ромејската ера.
Оние политичари кои се самопрогласени за врвни правници, а немаат појма од правото, го лажат нашиот народ за „правно рушење“ на Преспа. Такво нешто не постои и не е возможно. Тие манипулираат со резултатот од референдумот, а ако се правници многу добро знаат дека тој беше консултативен, без облигаторно дејство. Тие манипулатори ќе добијат гласови од граѓаните, а потоа истите ќе станат најголеми пријатели на Преспа.
Македонски концепт е кога во целост се почитува Преспанскиот договор, а истиот се надградува врз основа на неговите одредби. Согласно него, Македонија треба да направи пресек, што треба да се имплементира пред, а што после започнување на преговори со ЕУ. Во самиот Преспански договор јасно е наведено кои се обврските на Македонија, а кои на Грција. Потребна е меѓународна арбитража истите да ги констатира. Македонија отиде предалеку, пред време имплементира „северна“ во институциите, спротивно на самиот договор. Треба да се запре со самоволно себепонижување. Мора да се почитува договорот, а тоа значи дека „северна“ ќе влезе во Македонија после отварање на преговорите со ЕУ.
Преспански е најсилното оружје наспроти амбициите на соседна Бугарија за ребугаризација на Македонија и за рушење на нашата државност. Можеме да го употребиме како средство за притисок врз тврдите бугарски позиции, бидејќи патот на Македонија до Брисел може да помине и низ Солун и Атина, не мора само преку Софија. Тоа го знаат Бугарите и се свесни за опасноста.
Можно е да се случи токму Преспа да го употребиме за влез во ЕУ, иако тој договор тоа не го гарантира и истото го објавив три дена пред да се потпише договорот во Нивици. Треба само да кренеме рачна и да кажеме дека престанува имплементација на Преспански договор, согласно истиот тој договор. Тоа ќе предизвика бура во Брисел, Вашингтон и Атина. Ќе седнеме на маса и ќе се договориме за негова надградба, со која ЕУ ќе биде завршена работа за нас. Секако треба да размислуваме и на ново стратешко партнерство со Грција, дури и за форма на регионална интеграција во ЕУ преку конфедерација, што е рано да говорам, да не бидам повторно обвинет за најголем предавник. Сега треба да го затвориме бугарското прашање во Македонија, пред да биде предоцна за сите нас.
Ако влеземе во „егејските води“, тогаш ќе имаме два избора, да го зачуваме славо македонизмот онака како што го практикувавме во Југославија, а огромното мнозинство Македонци тоа го сакаат, или да започнеме процес на „обединување“ на славо со хелено македонизмот, кој ќе ги исполни сите соништа на Атина. И двете решенија се прифатливи за Грција, посакувани и тие ќе вложат во истото. Наш е изборот. Сепак да се обидеме да се разбереме со Бугарите за бугаризмот, како добра основа за изградба на автентичен македонски историски наратив и конечно наша домашна, македонска национална Кауза.“ – дел од анализата на Богојески.
Колку Богојески бил во право пред скоро две години, останува самите да процениме и да одлучиме дали Преспански ќе го надоградуваме онака како што тој предлага или ќе го рушиме со разноразни егзибиционисти во политиката.