СРБИТЕ со антимакедонски јубилеј во Скопје

Политика

Комитетот за византологија и медиевистика на Македонија при Институтот за историја при Филозофски факултет – Скопје, преку соопштение изрази протест во однос на планираниот начин на одбележување на 700-годишнината од смртта на српскиот крал Милутин, во Скопје од 24 до 26 октомври. Во продолжение ви го пренесуваме соопштението во целост.

Во медиумите се појави информација дека Универзитетот во Крагуевац, Србија, како главен организатор, во содејство со други српски и странски високообразовни и невладини институции, планира да го одбележи јубилејот 700 години од смртта на српскиот крал Милутин (1282-1321) со организирање на меѓународна научна конференција под наслов: Кралот Милутин и времето на Палеолозите: историја, литература, културно наследство, од 24 до 26 октомври годинава во Скопје (Кинотека на Македонија).

Во врска со овој настан Институтот за историја при Филозофски факултет (Универзитет „Св. Кирил и Методиј“-Скопје) и Комитетот за византологија и медиевистика на Македонија – Скопје (КВМРМ-Скопје) има потреба јавно да го изрази својот протест.

Бидејќи во случајов станува збор за јубилеј на српскиот средновековен крал Милутин, досега било сосема вообичаено ваквите јубилеи да се одбележуваат и/или научните конференции да се организираат на територијата на современата држава (во случајов  Србија), чија историска личност се одбележува. Но, овојпат се забележуваат поголем број отстапувања од редовната пракса, од кои би ги издвоиле следниве:

– Се планира одбележување јубилеј и организирање научна конференција за српска историска личност во главниот град на Македонија, наместо на територија на Србија, што претставува преседан;

– Неучество и намерно игнорирање од страна на Организаторот на македонски државни високо-образовни и научно-културни институции (Институт за историја при Филозофски факултет, Институт за национална историја, МАНУ и др.) како и на македонски невладини организации (како КВМРМ-Скопје);

– Работен јазик на Конференцијата ќе биде странскиот српски јазик и други странски јазици, а ќе отсуствува македонскиот јазик.

– Благодарност е упатена до Српската црква и до Охридската архиепископија (МПЦ не се споменува, дури и местото на одржување Скопје не е посочено во која држава се наоѓа).

Сето ова не наведува на помисла дека со планираниот настан веројатно се надминува културно-научната димензија. Па токму поради тоа се остава впечаток како да се има за цел да се реализира некоја туѓа ненаучна агенда, уште повеќе што нашата држава во овој период се наоѓа во исклучително сложена надворешна и внатрешна политичка ситуација.

Од друга страна се наметнува прашањето дали на странски институции воопшто им е слободно дозволено да организираат научно-културни настани од ваков вид во нашата држава? Или пак можеби Универзитетот во Крагуевац од нашите државни органи (Министерство за култура) има добиено дозвола за организирање на ваков настан, што само по себе претставува невиден преседан, се заклучува во соопштението.