
СРБИЈА промовира ново оружје
Србија се пофали со ново борбено возило „Лазански“ кое беше претставено на Саемот за оружје и воена опрема во Белград.
Борбеното возило Лазански беше најинтересно за публиката на годинашниот 10-ти Саем за оружје и воена опрема Партнер 2021, што беше отворен на саемот во Белград. Победникот на овогодишното воено шоу е опремен со топови од 57 милиметри, со амбиција да им конкурира на светски борбени возила од овој тип.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, официјално го отвори Меѓународниот саем за оружје и воена опрема Партнер 2021 и беше информиран за карактеристиките на новото возило на армијата на Србија. Мислам дека Мирослав сигурно би бил горд, рече Вучиќ.
Со својот изглед и функции, српскиот Лазански спаѓа во кругот на борбени возила со погон на осум тркала, како што се финската Патрија, турската Отокар Арма или францускиот ВБЦИ. Новина кај транспортерот Лазански е целосен оклоп, без прозорци, како и неспоредливо поголема борбена моќ и дострел до 14 километри.
Секако Србија тоа сама не може да го произведе. Куполата на транспортерот со топ, што е најкомплициран дел е произведена во Русија, а Србија има технологија за производство на артилериска муниција од калибар 57 мм. Слобода од Чачак, во соработка со Југоимпорт, веќе произведува гранати за овој тип оружје – велат експерти за воена технологија. Значи без Русија, повторни ништо. До кога Србија ќе биде воено зависна од Русија?
Лазански е опремен со митралез од 7,62 милиметри и топови од 57 милиметри со соодветна муниција изработена од Слобода во Чачак и два фрлачи за модерни противтенковски насочувачки проектили.
Покрај добрата огнена поддршка што може да ја постигне, тој ќе го заштити екипажот во возилото од огнено оружје и може да транспортира до 12 војници.
Александар Вучиќ на почетокот на август објави дека новото возило на Армијата на Србија, ќе го носи името на починатиот српски амбасадор во Русија, воениот коментатор Мирослав Лазански, познат русофил од таа земја.