СКАНДАЛ!!! АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД ДОСТИГНА 600 МИЛИОНИ ЕВРА

Македонија

Македонија е на добар пат да го добие најскапиот автопат во свет, Кичево – Охрид.

Најмалку 10 милиони евра за еден километар автопат ќе ги чини граѓаните автопатот Кичево-Охрид, проект кој освен што доцни 3 години, стана и речиси двојно поскап од првичната замисла, а за него во Кривичниот суд се води судски процес за злоупотреба на службената должност и корупција. Станува збор за склучен директен договор без јавно наддавање, од страна на владата на ВМРО ДПМНЕ, а дополнително анексиран од владата на СДСМ, со што двете гарнитури го зголемија ризикот од корупција на највисоко ниво. Таков беше и договорот на Груевски со кинеската компанија ‘Синохидро’ за изградба на автопатот Миладиновци-Штип.

Објавените прислушувани разговори во 2015 година од тогашната опозиција открија постоење на сомневања за корупција и злоупотреба на службена должност по што беше покренато обвинение. Сега згаснатото Специјално јавно обвинителство отвори предмет „Траекторија“ против четири службени лица, високи владини функционери и соопшти дека постои основано сомнение дека буџетот е оштетен за 155.117.172 евра. Правна разврска на судскиот процес сè уште нема. На поранешниот премиер Никола Груевски му застаре делото во „Траекторија“, а обвинети се уште поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и бившиот директор на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски.

Автопатот започна да се гради на 22 февруари 2014 година. Кредитот за оваа капитална инвестиција беше земен од кинеската банка „Ексим“ и државата треба да го врати за 20 години. Во октомври 2013 година, Собранието го одобри кредитот, а во ноември беше потпишан договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и кинеската компанија. Тогашната власт вети дека новиот автопат ќе биде готов за 4 години, во 2018 година, но во 2020 година, оваа делница е одвај половина завршена. Кинескиот изведувач „Синохидро“ сега има рок до 30 јуни 2021 година за да ја заврши изградбата на автопатот. Првите километри автопат меѓу Врбјани и Охрид најавено е дека ќе бидат пуштени во употреба оваа година.

Првичниот проект претрпе промени поради несовпаѓање на проектираната и изведената траса, градежните активности беа сопрени, а цената за тоа ја плаќаат граѓаните. Властите велат дека вкупната реализација на проектот е нешто над 50%. Беше најавено дека автопатот долг 57 километри ќе чини 374 милиони евра, но цената со дополнителните анекси на првичниот договор досега достигна речиси 600 милиони евра.