Повторно уништен дрворед!

Македонија

Големо незадоволство кај граѓаните на Битола предизвика одлуката на Општината да се уништи еден од малку останатите дрвореди на градските улици. Со таа одлука Битола останува покуса за значително градско зеленило. Општината се обидува да појасни и да го смири граѓанското незадоволство, но резултатите се никакви. Граѓаните се самоорганизираат во барање одгвоорност од градоначалниката и останатите одговорни лица.

Отстранетите дрвја на Рузвелтова беа по барање на граѓаните, бидејќи загрозуваа животи – ќе бидат заменети со нови. По започнувњето на реконструкцијата на втората делница на ул. Рузвелтова, од страна на жителите и сопствениците на објекти на оваа делница, на 20 април беше испратено Барање за промена на постоечкото јавно зеленило (зимзелени дрвја) со нови, поради видливата дотраеност. На 22 април, теренски увид на оваа локација извршија градоначалничката Наташа Петровска, директорот на ЈП „Комуналец“ и лицата задолжени за хортикултурно уредување, при што беше констатирано дека веќе постоечките дрвја се стари и оштетени, со плитки корења и претставуваат опасност за околината. Беа консултирани и жителите во улицата, како и сопствениците на објекти, кои посочија дека за време на реконструкцијата е добро да се изврши замена со нови садници.

Постапувајќи според Законот за урбано зеленило чл. 29 и по стручната анализа, одлучено е дрвјата да се отстранат. Во меѓувреме едно од дрвјата се урна врз постоечките објекти, за среќа без последици. Ова дополнително го потврди мислењето на стручните лица дека постои опасност по граѓаните. Со цел да се избегнат несакани последици, се пристапи кон отстранување на дрвјата, бидејќи ништо не е поважно од животот на граѓаните.

ЈП „Комуналец“, по завршувањето на целосната реконструкција на ул. „Рузвелтова“, хортикултурно ќе ја уреди оваа пешачка зона. Во однос на дрвјата кои треба да се засадат, според опкружувањето, квалитетот и соодветната околина, одлучено е да бидат засадени дрвја од видот Сорбис аусупарија, кои автентично ќе го збогатат амбиентот на оваа централна пешачка зона во градот.