ПЕНДАРОВСКИ фаќа врски во Грција

Балкан

„Грчкиот премиер Мицотакис е навистина голем пријател со францускиот претседател Емануел Макрон. Бидејќи се другари, фаќав врски преку Мицотакис за да ни помогне Макрон во евроинтеграциите“, се пошегува македонскиот претседател Стево Пендаровски на неформалната средба со новинарите.

Но, шефот на државата не се шегуваше кога рече дека го замолил грчкиот премиер на денешната средба да и помогне на Македонија при формалните и неформалните разговори со земјите-членки на Самитот на Европската унија за Западен Балкан кој се одржа во Словенија.

– Она што ми беше посебна тема за разговор со господинот Кирјакос Мицотакис е неговото учество на Самитот Европска унија Западен Балкан. Го замолив Мицотакис да ни помогне при разговорите со ЕУ и земјите членки кои се уште се скептични, освен Бугарија, во процесот на почнувањето на преговорите на Северна Македонија со ЕУ – рече Пендаровски на средбата со новинарите во просториите на македонската амбасада во Атина.

Меѓу редови ова значи дека навистина постојат неколку земји што се уште се сомневаат во процесот на интеграција на Западен Балкан во ЕУ, односно во почетокот на преговорите со Македонија кои и онака се блокирани од Бугарија.

Во однос на спорот со источниот сосед, Пендаровски рече дека треба да се реши билатерално, но она што очекува од европските сојузници и посебно од Грција е да направат атмосфера во која ќе може побрзо да се дојде до решение кое ќе ја крене рампата до крајот на годината.