Македонски Концепт: Прославувањето на српското освојување на Македонија е навреда за македонскиот народ
Македонски Концепт изразува остро противење на прославите на Зебрњак, со кои се велича српската воена победа од 1912 година, по која следува воспоставување српска окупаторска власт врз Вардарска Македонија и жесток српски терор врз етничките Македонци и други несрпски народи во Македонија. За македонскиот народ, овие историски настани не претставуваат национално ослободување, туку почеток на нов период на туѓа власт, национално потиснување и негирање на македонската посебност – етноцид.
Неприфатливо е на територијата на Македонија да се слават историски настани кои за етничките Македонци претставуваат симбол на окупација и национално понижување. Ваквите манифестации, особено кога имаат карактер на шовинистичко величање на минатите освојувања, можат да предизвикаат меѓуетнички тензии, да ја нарушат меѓусоседската доверба и да ги оживеат историските поделби во регионот.
Македонски Концепт смета дека почитувањето на српската историска меморија не смее да се претвори во негирање на македонското историско искуство. Историските освојувања не смеат да бидат повод за современи националистички демонстрации на територијата на Македонија.
Ги повикуваме надлежните македонски институции да обезбедат почитување на достоинството на македонскиот народ и да реагираат на секое јавно поттикнување етничка омраза или величање на национално потчинување. Посебно очекуваме од министерот за култура Седат Сулејмани да преземе соодветни мерки за забрана на вакви настани во иднина.
Македонски Концепт се залага за пријателски и рамноправни односи со Република Србија, засновани врз заемно почитување, историска чувствителност и почитување на македонскиот национален идентитет. Пријателството меѓу народите се гради со меѓусебна почит, а не со прославување на историските порази и страдања на соседите. Македонија мора да биде држава во која историското достоинство на македонскиот народ ќе биде почитувано и заштитено.
ЦКА на Македонски Концепт
СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА / 27 ОКТОМВРИ 2026 ГОДИНА
