
КАРАКАЧАНОВ им објави војна на САД: Изјавата на Ескобар е диктат и мешање на САД во Бугарија
Претседателот на бугарската ВМРО-БНД, Красимир Каракачов повторно се јави со критики за САД и ја нарече „скандалозна“ изјавата на специјалниот пратеник на Вашингтон за Западен Балкан, Габриел Ескобар, дека е „погрешно Бугарија да користи билатерален договор за да ги запре аспирациите на Северна Македонија кон ЕУ“. Каракачанов се чуди зошто никој ниту од бугарските институции, ниту од партиите не реагирал на ваквата изјава од Ескобар.
„Изненадувачки, нема реакција од никого – претседателот, кој влегува во изборната кампања и луѓето ќе сакаат да го слушнат неговиот став. И кога молчите – создавате чувство дека сте се помириле со овој притисок“, вели Каракачанов во интервју за бугарската информатичко-аналитичка интернет-платформа „Епицентар“, и додава дека уште почудно е што ниту една од партиите застапени во парламентот не издаде соопштение, а молчат и новите таканаречени демократски протестни партии.
Според Каракачанов, се работи за „очигледно ‘соросоидни’ структури, кои имаат јасна намера да го предадат бугарскиот национален интерес со доаѓањето на власт“. На прашањето кои се тие формации, Каракачанов вели дека би можел да ги наведе и по име, но дека тоа се сите оние што влегле во парламентот и кои „сега се подготвуваат да упаднат во парламентот и истакна дека единствените што имале цврст став е БСП“.
„Кој ќе го заштити бугарскиот национален интерес? Кој ќе има храброст да го стори тоа? Како што можете да видите, преодната влада се скрши – првата изјава на привремениот министер за надворешни работи во кабинетот на Јанев – беше двосмислена дека Бугарија ќе ги брани своите интереси со ревизија на договорот со Скопје. Извинете, што може да се преиспита откако ќе има одлука на парламентот?“, прашува Каракачанов.
Изјавата на Ескобар тој ја нарекува скандалозна, но вели, „така се однесуваат Американците, за жал“.
„Тие мислат дека на овој начин ќе стекнат повеќе пријатели во Скопје, но ќе ги загубат своите пријатели од Бугарија. Јасно е дека Американците имаат интерес Албанија и Македонија да влезат во ЕУ. Нивната логика е дека доколку Македонија се приклучи кон ЕУ, руското влијание на Балканот ќе се затвори. Ова е крајно наивно. Ќе поставам едноставно прашање: Дали руското влијание во Србија е намалено откако Србија започна преговори со ЕУ во 2014 година?
Напротив! Србија купува руски авиони, проектили, учествува во руски вежби итн. Во Црна Гора, која е членка на НАТО, победи проруската партија. Ова се спорадични шеми што се развиваат во некои кабинети во Вашингтон – не ги интересира што мислат Бугарите и што е бугарскиот интерес“, изјави Каракачанов во интервјуто.
На прашањето дали мисли дека тоа што Ескобар директно ѝ наредува на Бугарија дека преговорите на Македонија со ЕУ треба да започнат оваа година е диктат, Каракачанов одговара дека тоа не само што е диктат, туку тоа е нелегално мешање во внатрешните работи на суверена држава, како што е Република Бугарија.
Тој потсетува дека постојат правила за влез во ЕУ и едно од нив е сите земји членки да се согласат, а другото е билатералните спорови да се решат. А според него, спрото меѓу Софија и Скопје не само што не е решен туку ескалира.
„Многу е жално што американски функционер ги доживува националните интереси на Бугарија како спор“, изјави Каракачанов и пак ја обвини Македонија за антибугарска политика.