ДОБPO УТPO од aматepката со нepeален живoт

Добро утро

“Нереален живот”

пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкyлтeт

Во изминативе 20 години сме сведоци на разно-разни “шеми” и комбинаторики од страна на политичарите со крајна цел да се владее подолго или да се дојде на власт полесно. Без точни – реални податоци се “прочистуваа” избирачки списоци пред секои нови избори, се определуваа проценти “од ракав” само да се дојде до посакуваната цел – власт.

Си се менуваа “стани да седнам”, а за пописот на населението им текнуваше кога ќе се скараа меѓусебе или кога тие што седнале не сакаат да станат во договореното време од столчето. Тогаш овие налутените зошто не им даваат да седнат зборуваат гласно за тоа како тие седнале врз база на нереални податоци, па предлагаат методи за прочистување на список се’ додека не дојде некој од страна да ги посоветува и повторно да ги седне на иста маса да се смират.

Кога ќе ги смиреа ќе им дадеа да “потседнат” на налутениве и си ветуваа меѓусебно дека ќе бидат умни во иднина. Но, откако ќе седнеа, забораваа што си ветија и го правеа истото како претходните. И така цели 20 години. Но, овие што седнаа пред 5 години, барајќи начин како подолго да седат на столчето, одлучија да направат попис на населението, божем да нема веќе расправии на таа тема. И тоа е за поздравување.

Оваа статистичка операција треба да донесе реален приказ за состојбите во државата. Првенствено за реален број на населението од кој пак, ќе произлезе реален процент на вкупно гласачи кои треба да ја изберат својата наредна власт. Власт која врз база на реални бројки и проценти ќе ја усогласи законската регулатива и конечно ќе се добие реална слика за состојбата во која се наоѓаме.

Но, за жал со начинот на кој се спроведува пописот доаѓаме до заклучок дека истиот не се спроведува со намера да се докаже реалното. Напротив, следејќи ги односите на овие што седат и овие што сакаат да седнат, разбираме дека повторно се договориле меѓусебно. Овој пат си ветиле да си ги делат столчињата братски, а тоа да биде и законски. Разликата е во тоа што во иднина столчињата ќе си бидат обележани (%) претходно, па каков и да е резултатот од играта (изборите) секој ќе си седне на своето место.

На овој начин нема да мораат да бараат помош од други (помали политички партии) и да им отстапуваат и на нив столче, сите ќе си бидат нивни. Нереално ќе си продолжи животот во државава и понатаму. Нереални избори, нереални закони, нереален систем… до кога? Се додека ние реално им даваме шанса да владеат и додека реално си се прилагодуваме на секоја новонастаната ситуација. Нека ни е со среќа новиот  процентуален, нереален живот кој ни следува!