КОЛУМНА Ајрулаи: Трагедија во Македонија
Трагедија во Македонија
пишува м-р Лулјета Ајрулаи, копретседател на Женски Концепт
Во Тетово се случи огромна трагедија, изгореа живи луѓе. Луѓе кои во надеж да најдат лек за болеста, најдоа морбидна смрт. Немам зборови со кои би можела да ја опишам ова трагедија. Господ да им подари рај, се надевам дека тие души нашле мир и спокој.
И после таа трагедија со смртни последици настапи живата трагедија во нашата земја, нашата елементарна непогода – нашата власт централна и локална, нивните штаботоми, партиски загари. И оваа живата трагедија кај секој нормален човек предизвикува гадење и повраќање затоа што сфаќаме дека имаме власт која нема ниту малку човечност во себе, имаме власт која не знае за морал, и имаме нивни слепи поддржувачи, поддржувачи без совест и достоинство.
Еден јапонски министер поради закаснување на возот само неколку секунди, поднесе оставка, а потоа изврши и самоубиство. Замислувам што би направила цела влада во Јапонија доколку им изгори болница со живи луѓе внатре! А кај нас уште се дискутира дали некој треба да поднесе оставка од морални причини или не треба!
И тие што под притисок на јавноста наводно поднесоа оставки, никаде не може да се видат и да се најдат нивните оставки. Уште ќе се одлучувало дали да се прифатат или не. Срамота, кое дно. Економскиот директор на болницата кој е кадар од Беса, е единствен кој покажа дека има морални вредности и прв поднесе оставка, иако неговата одговорност е помала во споредба со директорот на болницата, министерот и заменик министерот за здравство.
Нашите живи трагедии не прават разлика помеѓу кривична одговорност која треба да се утврди со истрагата и моралната одговорност, како човечка доблест и емпатија со жртвите и нивните семејства. А и не можат да направат разлика затоа што нивните интереси и приоритети се спротивни на моралните вредности и моралната одговорност, тоа експлицитно го покажуваат и потврдуваат со нивните постапки и нивните дела.
За жал, во нашето општество веќе подолг период имаме ерозија на моралните вредности, а таа ерозија најјасно се отсликува на власта. Власта е одраз на општествениот неморал и антивредности. Во Тетово се одржа протест каде се бараше одговорност за трагедијата што се случи, одговорност мора да има. Се бараше правда која најмногу недостасува во Македонија. Луѓето кои протестираа се упатија пред општината, потоа се упатија и кон седиштето на ДУИ, но таму не можеа да се приближат затоа што имаше полициски кордон, партиско седиште се штити како да е некоја државна институција!
ДУИ со полиција се штити од народот, се поставува прашањето зошто? Зошто ДУИ се плаши од народот? Тие самите знаат зошто, но дали знае и народот зошто? Протестот е демократско право и начин да се искаже несогласување, негодување и револт. Ние во Македонија, сите разумни граѓани од сите етнички заедници треба да бидеме сложни во едно, а тоа е барање правда и одговорност. Заедно и обединети ќе успееме. И не заборавајте трагедиите што се случуваат секогаш имаат причина.