ДАЛИ ЗНАЕТЕ за Бигорската чудотворна икона

Дали Знаете

ДАЛИ ЗНАЕТЕ?

Пишува Гордана Јанакиевска

ДАЛИ ЗНАЕТЕ…Бигорската чудотворна икона

Од иконата, од лицето на светителот прикажано на неа, се излева, како благодат и дар на Светиот Дух, една несоздадена и незалезна светлина, која носи мир, спокојство и радост. Сето ова ќе го почувствува човекот, кога ќе застане пред чудотворната икона на Претечата, која со смирено достоинство ги пречекува сите поклоници во Бигорскиот манастир.

Зрачејќи, во сребрен, сјаен оков и преукрасена со дарови од благодарност, поради многубројните чуда, иконата, како непресушен исвор, излева благодат која чудотвори. Затоа монасите кои живееле тука во XIX век, на оковот од иконата, како сведоштво, додале и трета рака, во спомен на чудата што Крстителот ги прави преку неа.

Едно од чудата е и самиот начин, на кој иконата му се открила на ктиторот. Таа, според преданието на манастирот, едноставно лебдела во воздухот над изворот со вода, на чие место денес се наоѓаат трите чешми под црквата. Чудо било и нејзиното исчезнување во немирните и тешки времиња, низ кои минувал манастирот. Благодатта, што иконата ја носела во себе, ја чувала од погибел и не дозволила таа да биде уништена, во неколкукратното пустошење на манастирот. Таа секогаш одново се појавувала, сведочејќи за вечно-живиот дух на манастирот, кој повторно се раѓал, како феникс, од своите урнатини.

Така, уште од самиот почеток, иконата не престанала да чудотвори. Неизбројано мноштво намерници, кои пред неа застанале со вера и од срце го помолиле Крстителот, биле услишани, исцелени од болести, утешени. Претечата, преку својата икона, им доаѓал на помош на сите: стари и млади, болни и здрави, православни и иноверци.

Како што се нижеле чудата, така се множеле и даровите пред иконата. Секој дар крие вистинита приказна зад себе. Бројните сребрени медалјони во облик на бебе сведочат дека Св. Јован израдувал многу бездетни родители, дарувајќи им деца.

Како што сребрениот оков ја покрива иконата, така Св. Јован сокрил од нас многу од неговите бројни чуда, смирено оставајќи само дел, што новото братство се потруди да ги забележи и зачува, како сведоштво за светоста на иконата.

https://bigorski.org.mk/za-manastirot/svetinji/