Николоски: Соработката со ЕВРОКОНТРОЛ ќе овозможи уште поефикасен воздушен сообраќај
Соработката меѓу Македонија и ЕВРОКОНТРОЛ е на одлично ниво, а во периодот што следи ќе се работи на нејзино дополнително унапредување, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на воздушниот сообраќај во земјата.
Ова го истакна вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски по средбата со директорот на ЕВРОКОНТРОЛ, Раул Медина.
На средбата биле разгледани досегашната соработка и можностите за нејзино продлабочување, со посебен фокус на зајакнување на капацитетите на воздухопловните власти во Македонија.
Николоски посочи дека државата континуирано работи на развој и унапредување на техничките и оперативните капацитети на Агенцијата за цивилно воздухопловство и Македонската навигација.
Во тој контекст, се работи и на План за унапредување и зајакнување на човечките ресурси, со цел воздухопловниот систем да може соодветно да одговори на зголемените потреби и очекуваниот понатамошен раст на воздушниот сообраќај.
„Македонија бележи силен развој на авиосообраќајот, како по бројот на операции, така и по бројот на патници. Тоа претставува значаен придонес за подобрување на поврзаноста на земјата, влез на нови авиокомпании и отворање нови можности за граѓаните и економијата“, истакна Николоски.
Според него, продолжувањето на соработката со ЕВРОКОНТРОЛ е значајно за понатамошното унапредување на воздухопловниот сектор и создавање услови за негов развој во согласност со растечките потреби и европските стандарди.
