Околу 3.000 првачиња помалку и над 200 училишта со едносменска настава: Почнува учебната година за повеќе од 238 илјади ученици
Од утре, 1 септември, започнува новата учебна 2026/2027 година за учениците во основните и средните училишта низ Македонија.
Наставата ќе трае до 10 јуни, додека за матурантите ќе заврши на 17 мај, информираше денеска на прес-конференција министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска.
„Трета година по ред, учебниците се навремено набавени во тираж кој го побараа училиштата. Истите се испорачани и уште утре можат да им бидат поделени на учениците. Задоволство ми е што прашањето за учебници повеќе не е предизвик како во минатото. Годинава, набавени се 622 илјади учебници и остварени се заштеди од 50 милиони денари споредбено со годината пред да го преземам раководењето со оваа институција“, рече Јаневска на прес-конференција за медиумите и додаде дека учебниците за новата учебна година се навремено набавени и испорачани до училиштата.
Таа додаде дека целосно нови учебници се набавени за прво, второ и трето одделение, за осмо одделение, како и за втора година во гимназиското образование.
Годинава во 620 од вкупно 1.023 училишни објекти е воведена едносменска настава, а во тек е проширување на капацитетите на 14 училишта во Скопје и Градско. За поддршка на учениците со посебни образовни потреби ангажирани се 1.358 асистенти во основните и 166 во средните училишта.
Во однос на бројот на ученици, учебната година ја започнуваат 174 илјади основци и 64 илјади средношколци, а во прво одделение се запишани 14.952 првачиња. Поради недостиг на ученици, времено се затвораат 26 подрачни училишта, а со оптимизацијата на мрежата укинати се 433 паралелки.
„Сега таквите ги обединивме и затоа во образовниот систем ќе имаме 433 паралелки помалку годинава – 222 во основното образование и 211 во средното“, објасни министерката, нагласувајќи дека ниеден редовно вработен наставник не е отпуштен.
Министерката најави и дека во март 2027 година вработените во образованието ќе добијат ново покачување на платите меѓу 7,5 и 10 проценти, во зависност од стапката на инфлација.
За околу 14.500 првачиња ова ќе биде посебен ден – нивна прва средба со училишните клупи, наставниците и новите соученици.
Сепак, мора да се потенцира дека во учебната 2025/2026 година во прво одделение биле запишани 17.921 ученик, додека досегашните податоци за новата учебна година покажуваат околу 14.500 првачиња. Бројката на првачиња сè уште не е конечна, бидејќи дополнителното запишување ќе трае до крајот на септември. Министерката за образование и наука Весна Јаневска информираше дека и по завршувањето на уписите се очекува годинава да има најмалку 3.000 првачиња помалку во споредба со претходната учебна година.
Сепак, добра вест за првачињата што ќе бидат запишани како и за нивните родители, е што годинава многу повеќе училишта ќе ја почнат учебната година со едносменска настава.
Едносменската настава е едно од најклучните барања на родителите со првачиња на состаноците на родителските совети затоа што целодневниот престој во прва смена на училиште им овозможува подобра организација со децата и повеќе одмор на малите ученичиња.
„Над 200 училишта го прифатија и го спроведоа концептот на едносменска настава. Дополнително во моментов се прошируваат капацитетите во 6 други училишта за да се овозможи настава во една смена (се одвиваат градежни активности), а во фаза на изработка се уште 15 проекти од кои дел ќе започнат да се реализираат во ноември годинава, а дел пролетта следната година“, ни одговорија од МОН.
Во последната деценија, според анализите на Центарот за граѓански комуникации, бројот на ученици во основното и средното образование е намален за околу 27.000.
