Тоневски: Нашите рудари се симбол на трудот, истрајноста и посветеноста
По повод 28 Август – Успение на Пресвета Богородица, Денот на рударите и Денот на Општина Пробиштип, вчера во кино-салата се одржа Свечена седница на Општината.

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски, истакна дека Пробиштип низ децениите се менувал, растел и се развивал, но најголемата вредност на градот отсекогаш биле неговите жители.
„Пробиштип е град кој низ децениите се менувал, растел и се развивал, но секогаш ја задржувал својата најголема вредност – луѓето кои живеат тука и кои со својот труд го градат неговото секојдневие и неговата иднина“, порача Тоневски.
На Свечената седница беа доделени награди и признанија на учениците и нивните ментори кои во изминатата учебна година постигнале значајни резултати и освоиле високи места на државните натпревари.
Воедно, беа доделени и златни плакети на лица со особен придонес во развојот и афирмацијата на Општина Пробиштип.
Градоначалникот упати честитки до сите наградени, посакувајќи им уште поголеми успеси во периодот што следува.
Тоневски упати честитка и по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, Денот на Општината и Денот на рударите.
„Нека е честит големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, Денот на Општината и Денот на рударите. Рудари – среќно!“, порача Тоневски.
